Вчера започнатите блокади на најпрометни крстосници од страна на приватните автобуски превозници продолжија и утринава. Паркираните автобуси го попречуваат сообраќајот а граѓаните се принудени да бараат алтернативни патишта за да од своите живеалишта стасаат во централното градско подрачје. Но, поради зголемената гужва низ алтернативните улици и булевари, имаше застој во поголемиот дел од сообраќајниците во главниот град. Тоа предизвика колони возила, долго чекање, нервози кај возачите. Дел од граѓаните одбраа да патуваат со велосипеди, тротинети, или пеш кон своите дестинации. Очигледно е дека сообраќајната блокада најголеми проблеми им предизвика на граѓаните. Меѓутоа, се уште нема најави дека проблемите коишто ја предизвикаа блокадата ќе почнат да се решаваат.
Според досегашните изјави од приватните претставници, тие нема да ги отстранат автобусите се додека не се исполнат поставените барања за исплата на долгот што го побаруваат од Град Скопје. Најавија дека блокадите може да се прошират низ повеќе сообраќајни точки во Скопје.
– Како што најавивме, денеска автобусите се паркирани и ќе бидат тука се додека нема напредок од состојбава, односно да не викнат на разговори и да си договориме за динамиката за исплата на заостанатиот долг, да продолжат неделните уплати за да можеме да се вклучиме на линија, се со цел да не трпат граѓаните, изјави вчера Кемал Муриќ од „Слобода превоз“.
Приватните автобуски превозници бараат од Град Скопје да се подмири долгот кон двете компании кој во целост изнесува преку 90 милиони денари, затоа што, како што велат, немаат средства за понатамошно функционирање поради недостиг на средства.
Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска вчера не излегоа со став во однос на протестите и барањата на приватните автобуски превозници.
В.д. директорот на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје, Александар Стојковски, минатата недела рече дека долгот го наследил и оти треба да биде подмирен. Но, истовремено спомена дека според последните анализи приватните превозници во последните пет години не уплаќале, односно не задолжувале никакви карти, а тоа, како што кажа, е нивна обврска според членот 5 од договорот меѓу ЈСП и приватните превозници