Блупринт групата се повлекува од изработката на новиот Кривичен законик: Правото и правниот систем се извртуваат и злоупотребуваат

Повлекување од процесот за изработка на новиот Кривичен законик денеска објави групата на граѓански организации за реформи во правосудството Блупринт.

-Со оглед на целосната состојба каде се дава легитимет на нелигитимното, Блупринт групата нема да учествува во процеси во кои правото и правниот систем се извртуваат и злоупотребуваат, личниот интерес на поединци – го надминува јавниот интерес и општественото добро, а политички цели и интереси – се издигнуваат над темелните вредности, порачаа од Блупринт групата на денешната конференција за печат.

Александра Цветановска од Македонското здружение на млади правници изјави дека клучната причина за нивното повлекување од процесот се последните измени на Кривичниот законик од 6 септември 2023 година, што беа предложени од страна на Владата.

-Постапката во која беа донесени и содржината на овие измени во делот на трите клучни дела за борба против корупција се целосно спротивни на владеењето на правото. Измените во трите спорни кривични дела беа донесени со заобиколување на работната група која работи на нов Кривичен законик, без нејзино консултирање, без соодветно консултирање на стручната јавност, како и без претходно анализирање и проценување на потребата од истото, истакна Цветановска.

Во ваква ситуација и состојба, додаде таа, сведоци сме на дрска злоупотреба на т.н. европско знаменце, европско право и казнени политики во овие рамки. Според Цветановска, новата политика наместо да ја врати довербата на граѓаните во законодавна и извршна власт, уште повеќе влијае кон нејзино поткопување, со недвосмислено праќање порака до обичниот граѓанин дека „плаќа дупло“.

Од Блупринт групата истакнаа дека тесно поврзано со нивниот став за повлекување од процесот за изработка на новиот Кривичен законик е и нивната неодамнешна одлука за повлекување од работната група за изработка на нацрт-предлогот за закон за конфискација на имот во граѓанска постапка.

– Неспорно е дека и Кривичниот законик и Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка се суштински и тематски поврзани во борбата против криминалот и корупција. Оттука, доколку постои намера преку намалените казни во Кривичниот законик да дојде до застареност на кривичното гонење, а преку Законот за конфискација во граѓанска постапка да се создаде привид дека ќе се одземе нелегално стекнатиот имот, тогаш се работи за пристап со кој суштински и концептуално не се согласуваме, велат од групата.

Оттаму велат дека работната група го завршила новиот КЗ и се очекува во текот на овој месец тој да биде доставен до Владата и да почне постапката за неговото усвојување, што значи дека власта за помалку од еден месец не го дочека новиот закон и побрза со нетранспарентна постапка да донесе закони со кои се спасија од гонење многу функционери. Од групата очекуваат и дека сумите што ќе се платат за обештетување на функционерите чии предмети ќе застарат ќе бидат милионски, а парите ќе се дадат од државниот буџет. Точната сума ќе се знае откако судовите ќе ги донесат сите одбивателни пресуди, соодветно според тоа како ќе застаруваат процесите од предметите што ги отвори поранешното СЈО.

Неформалната мрежа Блупринт група за реформа на правосудството е составена од партнерските организации Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС), Хелсиншки комитет за човекови права (МХК), Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Институт за човекови права (ИЧП), Институт за европска политика (ЕПИ), Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА) и Фондација Отворено општество – Македонија (ФООМ).

Претходна вестДенот на народното востание 11 Октомври неработен за сите граѓани
Следна вестА да седнат Николоски и Маричиќ на една маса?