Легендата за патот Кичево – Охрид уште трае. Се гради силовито сообраќајницата и по толку години. Сега треба само уште малку да се поддотера работава.
За секое од свлечиштата на автопатот Кичево – Охрид настанати кон крајот на минатата година потребна е дополнитлена техничка документација за да тие бидат стабилизирани, изјави денеска Благој Бочварски, министер за транспорт и врски. Тој, заедно со со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, и професори и експерти од градежништвото, беа во обиколка на трасата на автопатската делница од Охрид до Кичево.
– Клучно е дека за секое од овие свлечишта настанати кон крајот на минатата година, е потребна дополнителна техничка документација со ревизија што ќе ја даде стабилизацијата на тие косини. Голем дел од тие косини се веќе двапати проектирани, сега ќе биде потребна и трето проектирање на иста косина. Тоа секако е нешто клучно за идно безбедно одвивање на сообраќајот, рече Бочварски.
Тој најави дека проблемите во изведбата на трасата на автопатот Охрид – Кичево се од проектантски и технички аспект. Бочварски посочи дека тој како министер и Владата не бегаат од одговорност пред јавноста и дека се работи на надминување на состојбите. Се консултираат фидик-експертите и научната фела, за која нагласи дека не била консултирана при проектирањето во првата фаза од изградбата на делницата.
-Државата и наредниот период ќе продолжи да работи на трасата, со решавање на косините и свлечиштата, надминивање на спорните точки и новонастанатите проблеми на проектот. Треба да се отвори постапка за дополнително проектирање, потоа да се свика ревизија на таа проектна документација, од која ќе произлезе и предмет-пресметка што ќе ги даде количните и начинот на новата реализација односно решевањето на тие косини, по што ќе влезе механизацијата да работи на трасата според новата проектна документација, рече Бочварски кој посочи дека и во извештајот од фидик-експертот се посочуваат проблеми во техничко-проектната документација.
За потсетување: Владата вети дека патот сигурно ќе биде готов до крајот на 2023 година. Ковачевски кога беше премиер дури на еден митинг и силно викна пред насобраните луѓе: „стани Бочварски, еве го тука, стани Благоја да те видат сите, дајте му поддршка, затоа што јануари 2024 година по тој пат мора да се вози со автомобили од Кичево до Охрид дека ти се одговорниот патот да биде готов до почетокот на 2024 година“.