Апел да и се помогне на општина Центар во правната битка околу висококатниците кои ги предвидува ДУП-от за паркингот кај хотелот „Холидеј ин“, но и за дргите спорни планови во оваа општина, упати денеска градоначалникот Саша Богдановиќ. Тој потенцира дека доколку тие предмети се решат на начин на кој мисли Општината или се сомнева дека има одредени прекршувања, значително ќе ја изменат ситуацијата на одредени локации и места.
– Ако сите институции и судски органи си ја вршат работата за која земаат плата, многу работи ќе беа поинакви и немаше да се реализираат планови кои се спротивни на Генералниот урбанистички план. Ако се докаже дека имало спорна продажба на земјиште, може да ја укинеме таа градба и просторот да се врати во првобитна состојба. За жал, цел овој период никој не мрдна за да се направи нешто. Од 2012 ние сме единствени кои нешто правиме. И другите институции да реагираа, многу работи ќе се сменеа. Ама еве, завршете си ја работата за која земате плата, за тоа што сносите одговорност. Ние покренуваме постапки, донесовме мораториум два пати. Јавно кажувам – аман за аман, преземете нешто. Значи имаме неусогласен план, ама ако некој не ги фати за гуша тие што го направиле и одобриле планот џабе расправаме сега, рече Богдановиќ во однос на ДУП-от за паркингот кај хотелот „Холидеј ин“.
Тој додаде дека по укинувањето на мораториумот од страна на Уставниот суд нема начин како да се стопира градење на три повеќекатници оти законот вели дека додека не се донесе нов план, на сила е стариот и по него мора да се постапува.
-Во одлуката на Уставен суд стои дека новиот Закон за урбанистичко планирање е причина за укинување на мораториумот. Сега кој ќе понесе одговорност за тоа. Сите тие што се фалат дека учествувале во изготвување на законот денеска треба да си ја лупнат главата во ѕид и да кажат тоа што донеле нов закон, денеска не смее да имаме мораториум, рече Богдановиќ
Претседателката на Државната комисија за спречување корупција Билјана Ивановска рече дека брзата одлука на Уставниот суд остава простор за размислување кои се причините за неа.
–Поради правни недоречености и бавни одговори на надлежните институции, тука ќе го споменам Министерството за транспорт и врски и соработката со Општина Центар, овој план се уште не е под суспензија. Го охрабрувам градоначалникот да размисли пред да ја донесе одлуката за давање на дозвола на планот да ги испита сите можности за да го стави плаот под суспензија и да не донесува дозвола за градење за план кој не е во согласност со Генералниот урбанистички план, рече Ивановска.