Поранешниот кошаркарски репрезентативец на Македонија, Бојан Трајковски, по завршувањето на кариерата, во гостувањето на програмата на Спортско радио 90,3 ФМ, проговори за најинтересните моменти минати под обрачите.
–Пред да влезам во кошарката бев активен во ракометот. Мислам дека и таму ќе направев одлична кариера и ќе бев добар лев бек. Сепак, работите се променија во 2001 година кога од ракометот сосема случајно влегов во кошарката и тука останав цели 24 години.
Секогаш ќе ги паметам почетоците во младинските екипи кога со сопствени средства ги плаќавме судиите за да играме и да бидеме шампиони. Играв во најголемите клубови во нашата земја и од секаде носам убави спомени.
Посебно сум им благодарен на екипите што ми овозможија да бидам шампион на Македонија и освојувач на Купот, што ме прави еден од најтрофејните играчи во Македонија. Плановите ми се да излезам од кошарката и да влезам во семеен бизнис, истакна Трајковски.