Осудениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13 е пуштен на слобода, потврдија вчера судските извори и неговиот бранител. Одлуката ја донел Основниот кривичен суд Скопје а со неа му се прекинува издржувањето казна затвор. Неофицијално, причината била лошата здравствена состојба, за што Кривичен суд добил лекарски извештаи од повеќе доктори и клиники каде до сега се лекуваше Боки 13. Јовановски пред неколку месеци помина тешка операција со која му беше голем дел од желудникот.
-Како бранител ја потврдувам информацијата дека ваквата одлука иако е задоцнета истата е за поздравување како законита, правична и пред се хумана, донесена врз основа на две последователни позитивни мислења од надлежниот Јавен обвинител во рамки на иста постапка и врз основа на комплетната медицинска документација за здравствената состојба на осуденото лице, изјави адвокатот Владимир Туфегџиќ.
Јовановски доби затвор од 9 години за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а екс-специјалната јавна обвинителка Катица Јанева доби 7 години затвор.
На 3 ноември беше одложена за 15 декември јавната седница пред Апелацискиот суд Скопје по кривичниот предмет КОКЖ- 153-22 во јавноста познат како „Меѓународен сојуз“. Судијата Зоран Димитриевски тогаш констатираше дека обвинетиот Бојан Јовановски е уредно поканет, но не е спроведен од КПУ Идризово, додека неговиот татко, обвинетиот Миле Јовановски не е присутен, но судот нема доказ за уредна покана.
-Имајќи го предвид наведеното. За денешната јавна седница нема доказ за уредна покана на обвинетиот Миле Јовановски. Советот оцени дека не се исполнети законските обврски за одржување и се одлага за 15 декември, информираше Димитриевски.
Судењето за „Меѓународен сојуз“ заврши на 7 април 2022 година.