Стотици мртви и повредени лица, според првичните сознанија, се резулат на синоќешниот ракетен удар врз болницата „Ал Ахли“ во централна Газа, која се финансира од Англиканската црква во Газа. Според претставници на палестинското министерство за здравство, кое е под контрола на Хамас, во нападот се убиени и повредени најмалку 500 луѓе.Владата на Хамас во Газа го опиша нападот како „воено злосторство“ и им го припиша на израелските сили.
-Во болницата беа сместени стотици болни и ранети, како и луѓе присилно раселени од своите домови поради други израелски напади, се вели во соопштението.
Портпаролот на Министерството за здравство во Газа, со кое раководи Хамас, претходно објави дека во израелскиот напад на Баптистичката болница во Газа загинале повеќе од 300 луѓе. Ројтерс објави дека бројот на загинати е повеќе од 500.
-Се верува дека стотици луѓе се уште се под урнатините, додаде портпаролот.
Се верува дека жртвите се жители на Газа кои побарале засолниште од конфликтот во болницата.
Израел ги отфрли обвинувањата дека бомбардирал болница во Газа и кажа дека таа најверојатно била погодена од ракета на Хамас. Според советникот на израелскиот премиер Нетанјаху, Марк Регев, во моментот кога била погодена болницата, Хамас го ракетирал централниот дел на Израел.
-Знаеме дека во моментот на оваа трагедија во Газа имаше огромен напад на цели во централен Израел. Сирени за тревога се слушнаа и во Тел Авив. Знаеме дека тие испалуваа ракети во исто време, најавија дека ќе ја гаѓаат Хаифа со проектили со долг дострел. Ниедна ракета не падна на Хаифа. Каде паднаа тие ракети?, изјави Регев.
Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус остро го осуди нападот на баптистичката болницата Ал-Ахли Араб во Газа. Палестинскиот претседател Махмуд Абас прогласи тридневна жалост по смртоносниот напад, објавија палестинските медиуми.