Обвинување дека политичките влијанија биле причината да не му се додели државна награда „8-ми Септември“ за животно дело изнесе денеска Борче Костовски. Во објавата на својот профил на Фејсбук, Костовски, кој е тренер на таеквондист Дејан Георгиевски кој освои сребрен медал на Олимписките игри во Токио во јули 2021 година, наведува дека овој чин ги надмина сите граници и е “најголем срам за спорот во независна Македонија“.
Костовски наведува дека сметал дека наградата му припаѓа по постигнатиот историски успех но дека надлежната Комисија која е во најтесната спрега со Агенцијата за млади и спорт, направила срамен чин. Тој потсетува дека освојувањето на сребрен олимписки медал е врвно постигнување.
-Најмалку имам против било кој конкурент за оваа награда, но да игнорираш олимписки сребрен медал е рамно на лудост поврзана со елементарно спортско незнаење. Тој историски медал е најголемиот спортски успех во независна Македонија, единствен сребрен медал од олимписки игри. Сакам јавно да ги поздравам членовите на комисијата кои направија срам од кој никогаш нема да избегаат, неколку од вас лично ми се јавија веројатно од грижа на совест, но со тоа уште толку покажавте срам и немање образ. Покажавте дека вашите имиња и тоа што сте го оствариле во спортот веќе не вреди баш ништо, наведе Костовски.
Тој додава дека неколку членови на комисијата му се јавиле, прво да се извинат а потоа и да се правдат.
-Ми се правдаа во стилот: Борче извини, сите знаеме кој е најголем спортски успех за Македонија, сите знаеме дека изборот е јасен, но оваа комисија е формирана политички, тука политиката одлучува, не ние. Многу ни е жал, наведува тренерот.
Костовски им порачува дека со ова оставиле црна дамка.
-Јас би рекол и треба да ви е жал, не само затоа што политички некој носи одлука да го “поништи” олимпискиот медал од Токио, туку највеќе треба да ви е жал што вие потпаднавте под политичко влијание кога пред вас имате кристално јасна одлука, за која одлучивте да ја промените и си оставите вечна црна дамка. Одлука со која ја поништувате целата ваша спортска кариера. Како тренер кој донел олимписки медал, сакам нешто да ви кажам. Запамтете, спортистот особено врвниот спортист не е само битие кое носи државни успеси, тој е човек со посебен дигнитет, авторитет и чест. Вие не сте ништо од ова, вие сте аморфна маса која некој по потреба ја контролира. Тоа сте. Вакви и слични бедни местенки никогаш нема да ме демотивираат, многу напротив ми даваат мотив за да продолжам со вжештен метал да ковам уште олимписки медали, да продолжам да пишувам државна спортска историја,нагласи тој
Според него, Агенцијата за млади и спорт, директорот и луѓето што ја водат систематски работат против најдобриот македонски спортист.