Борел не вети датум, а вети ли помош за ублажување на последиците од санкциите кон Русија?

EУ со години ни кажува дека многу мисли и ја цени Македонија, како и дека има желба да ја види во Унијата. Ама…

Па така и вчера Македонија доби една порака и еден поздрав од високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел. Првата беше дека не може да ни вети датум за почеток на пристапните преговори за членство во Европската унија, а втората беше поздрав што Македонија како држава целосно се придружила кон заедничката политика на Унијата кон Русија, односно, што, покрај другото, го спроведува пакетот на санкции. Борел, во неколку наврати искажа благодарност поради тоа бидејќи, како што рече, „тоа е морален избор на идните членки на Унијата“.

А тоа значи дека држави кои се уште не се членки на ЕУ, туку само кандидати или слично, немале обврска да воведат санкции кон Русија. Некои од нив, се виде, како Србија, Турција… решиле да не воведат санкции туку и натаму деловно и на друг начин да соработуваат со Русија и да оставруваат приходи за своето стопанство и слично

Македонија реши да биде на целосна линија со ЕУ. Поради тоа ќе плати не мала цена. Иако е Русија на дваесетото место на листата на значајни партнери на Македонија и обемот на трговската размена се движи околу 200 милиони евра и за македонско стопанство на кое му е важно секое евро, тоа е значителна загуба.

Дали ЕУ барем околу ова прашање ќе и помогне на Македонија вистински, а не само декларативно или со „благодарам“? Земјите-членки на ЕУ, кои ги прифатија санкциите ќе имаат пристап до разни компензациони фондови за да ги намалат последиците од санкциите.

Стопанските експерти веќе проценија дека најголеми штети ќе претрпат фармацевтската и земјоделско-прехранбената индустрија, бидејќи тие учествуваат со најголем обем во трговската размена со Русија. Посебно, значи, извозот на лекови, на овошје и зеленчук какви што се праски, некатрини, млада зелка…

Претходна вестКазнети 139 возачи, 12 зборувале по мобилен телефон
Следна вестMинатата недела казнети 236 непрописно паркирани возила во Центар