Бугарија и Република Северна Македонија потпишаа Договор за добрососедство, кој е вклучен во планот за проширување и никој не може да отстапи од него, изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, кој е и претседател на Комисијата за надворешна политика во Националното собрание на Бугарија.
Борисов повика на трпение.
-Од нас се бара трпение. Реагираа сите институции. Не треба ние да изгледаме агресивни, бидејќи тактиката на нашите колеги од Северна Македонија е ние да бидеме виновни, предупреди лидерот на ГЕРБ.
Борисов истакна дека „секој што ќе го прекрши добриот тон, а Бугарија не е таква, бидејќи ние никако не го прекршивме добриот тон, ќе ги трпи последиците од тоа“.
-Сакам да го уверам бугарскиот народ дека сè што направивме во Европската народна партија, во Европскиот совет, во Европската комисија, беше многу добро слушнато. Така функционираат европските институции. Не се закануваат, не навредуваат, а резултатот е Албанија ќе оди напред. Таа го прифати бугарското малцинство, а нашите колеги од Северна Македонија да го понесат она што го создаде нивното досегашно однесување“, рече Борисов и додаде дека ќе се обиде да ги убеди колегите во Комисијата за надворешни работи да не се однесуваат емотивно, туку да се однесуваат прагматично и разумно.
-Понекогаш велат дека одмаздата е најдобра кога се сервира ладна. Ние како држава мораме да се исправиме и да не го следиме тонот на некаков министер, рече лидерот на ГЕРБ.
Бугарските медиуми вчера пренесоа информација дека постојаните претставници на ЕУ на состанок во Брисел едногласно се согласиле да започнат преговори за членство со Албанија.
Дипломатски извори во Брисел за БНР укажуваат дека тоа значи одвојување на процесот на Албанија од оној на Северна Македонија.
Разговорите официјално ќе започнат на 15 октомври на Меѓувладината конференција ЕУ-Албанија во Луксембург, почнувајќи со Кластерот 1 „Фундаментални прашања“.