Нов медал за најдобриот македонски таеквондист на меѓународната сцена, Дејан Георгиевски се закити со сребрен медал на Г1 турнирот во Букурешт, Романија. Георгиевски имаше три фуриозни победи со резултат 2:0 во рунди против Мануел Полет (Белгија), Андриј Харбар (Украина) и Емре Кталмиш (Турција).
Кталмиш е инаку еден од најдобрите таеквондисти на планетата, претендент за освојување злато на Летните Олимписки игри во Париз. Скоро цели две рунди нашиот Деки се бореше со повредена шака, известуваат од Македонската Таеквондо Федерација.
– Овој спортски или олимписки подвиг кој го покажува Георгиевски ни од блиску не е забележан од како Македонија е самостојна држава, за само два месеци тој од четири настапи на официјални олимписки турнири Г1 освои четири медали, по два златни и сребрени, пренесуваат од федерацијата.
Георгиевски го откажа настапот во финалето, од тимот се надеваат дека снимката на шаката нема да покаже посериозна повреда.