Три бронзени медали освоиле тројца членови на макеоднскиот тим на 32. Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2020), која од 13-ти до 23-ти септември се одржува во облик на онлајн натпревар.
Благојче Павлески од Прилеп, Андреј Шеќеров од Скопје и Андреј Величковски од Куманово, предводени од лидерите Емил Станков и Бојана Котеска од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), се закитија со одличјата во конкуренција на вкупно 343 ученици од 87 земји од целиот свет.
-ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци. Секоја година, во околу 90 држави од светот се организираат национални натпревари во програмирање, на кои што учествуваат вкупно повеќе од 400.000 ученици, сите со единствен мотив – да се изборат за големата чест и привилегија да ја претставуваат својата држава на ИОИ, информираат од Здружението на информатичарите на Македонија.
Според начинот на поделба на медалите, ИОИ како научна олимпијада по информатика е најстрога во споредба со врвните научни олимпијади по другите науки (математика, хемија, физика, биологија), појаснуваат од Здружението.
Официјален домаќин на ИОИ 2020 е Сингапур, а главен организатор е Националниот Универзитет на Сингапур, со поддршка од Министерството за Едукација на Сингапур. Заради пандемијата со Ковид-19, оваа година за прв пат Интернационалната олимпијада по информатика се спроведуваше онлајн, при што натпреварувачите од секој национален тим беа надгледувани од страна на нивните лидери.
Македонскиот тим се натпреваруваше од просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), кој ги овозможи сите услови за квалитетно техничко поврзување со Сингапур.
-Од првото учество како независна држава на ИОИ во 1996 година, Македонија има резултати со кои предничи и во однос на земјите со слична големина како и во однос на доста поголеми земји – учеснички на ИОИ: досега се освоени две сребрени и 21 бронзен медал, информираат од Здружението на информатичарите.