Пак ветија дека ќе проработат сите мерни инструменти за составот на воздухот

Од вкупно 17 мерни станици за составот на воздухот и една мобилна, во моментов во Македонија сите се во функција, но кај некои од нив не работат поедини мерни инструменти, соопшти денеска Министерство за животна средина. Се наведува дека во мерните станица постојат по пет мерни инструменти за мерење на пет различни параметри.

-Мерниот инструмент за мерење на РМ10/ПМ2.5 од мобилната мерна станица во Ѓорче Петров и мерните инструменти за РМ10 од мерните станици во Карпош и Струмица се исклучени поради технички проблем. Мерните инструменти за мерење на ПМ10 од мерните станици Битола 1 и Миладиновци се исклучени поради осцилации во мерењата кои се последица на дотраеноста на самите инструменти и на нивниот извор за радијација, бидејќи оптимална оперативна работа на еден инструмент е 10 години. Мерниот инструмент за мерење на СО од мерната станица Ректорат е исклучен поради технички проблем. Мерните инструменти за мерење на О3, ЦО, СО2 и НО-НО2-НОџ од мерните станици Карпош и Центар кои не се во функција се од производителот Орион, и за нив нема резервни делови поради престанок на работа на фабриката. Истите треба да се заменат со нови мерни инструменти од други производители, појаснуваат од Министерството.

Додаваат дека во текот на оваа година во тек се повеќе активности за набавка на нови мерни инструменти. Реализацијата на дел од набавката е со донаторски средства, а дел со буџетски средства на МЖСПП.

-Седум нови мерни инструменти за О3 (озон), седум нови мерни инструменти за СО2 (сулфур двооксид), седум нови мерни инструменти за ЦО (јаглерод моноксид), два нови автоматски мерни инструменти за мерење на ПМ2.5 (суспендирани честички со големина до 2.5 микрометри), два нови секвенцијални нисковолуменски семплери за мерење на ПМ10 и ПМ2.5, седум нови сета од метеоролошки сензори за мерење брзина и насока на ветар, атмосферски притисок, влажност, глобална радијација, надворешна температура, како и кула за калибрација на автоматски мерни инструменти за ПМ10 и ПМ2.5 се набавуваат преку јавна набавка од Буџетот на МЖСПП за 2020 година. Би требало да се стават во функција во првата половина од месец декември 2020 година, наведува Министерството.

Да се надеваме дека овој пат навистина ќе се докомплетираат мерните станици, бидејќи е важно да се знаат параметрите на критичните точки во Скопје каде минативе години имаше енормно загадување. Често Скопје беше и светски рекордер по загаденост.

Претходна вестНајава: Со новиот Генерален урбанистички план Скопје ќе се шири кон север
Следна вестКриминалните жанрови со многу убиства и крв ги преплавуваат ТВ екраните