Бразил го забрани Твитер по кавгата со Илон Маск

Социјалната мрежа Икс, претходно позната како Твитер, е забранета во Бразил откако не го испочитува рокот поставен од тамошниот Врховен суд да постави нов правен застапник во земјата. Судијата Александре де Мораеш нареди итна и комплетна суспензија на социјалната мрежа сè додека дека се усогласи целосно со судските наредби и ги плати изречените казни.

Спорот датира од април кога бразилскиот судија нареди суспензија на десетици профили на мрежата поради наводно ширење дезинформации. Зборувајќи за најновата одлука на бразилскиот суд, сопственикот на Икс Илон Маск рече дека слободата на говорот е темел на демократијата и неизбран псевдосудија во Бразил ја уништува за политички цели.

Според социјалната мрежа, Икс во Бразил користат 10 милиони, од вкупно 200 милиони жители. До саботата наутро, дел од корисниците јавија дека немаат пристап до платформата.

Икс ја затвори канцеларијата во Бразил минатиот месец, велејќи дека нивниот претставник таму добил закани дека ќе биде уапсен ако не постапи согласно судските наредби, кои што, според американската компанија, претставуваат цензура.

Судијата Мораеш нареди суспензија на профили поради наводни дезинформации, а најголем дел од тие профили беа на поддржувачи на поранешниот претседател Жаир Болсонаро.

Судијата, исто така, им определи рок од 5 дена на Гугл и Епл да ја тргнат апликацијата на Икс од своите платформи Андроид и Иос.

Претходна вестСДСМ и ДУИ ги злоупотребуваат наставниците со организирање на партиски протест, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Следна вестНеделков: СОНК утре нема да учествува на никакви протести