Поради зголемените воени вложувања, предизвикани пред сѐ од конфликтите во Украина и во Газа, британскиот производител на оружје „БАЕ системи“ (BAE Systems) минатата година оствари рекорден профит, а годинава оттаму очекуваат уште поголема заработка. Во последните две години дојде до нагло зголемување на вредноста на акциите на овој производител на оружје. Поради руската инвазија на Украина, западните влади ги зголемија своите воени вложувања. „БАЕ системи“ произведува нуклеарни подморници, борбени авиони, тенкови и бродови, како и пиштоли и муниција.
Чарлс Вудбурн, извршен директор на компанијата, изјави дека и во следните години очекуваат одржлив раст на нарачките.
– Нестабилноста во Европа, на Блискиот Исток и во другите делови од светот става јасен фокус на клучната улога што ја игра заштитата на националната безбедност. Поголемиот дел од опсегот на нашето производство е во рамките на програмата што постоеше уште пред конфликтот во Украина, но има и нови барања за обновување на резервите на муниција и за надградба – кажа Вудбурн.
Вредноста на акциите на „БАЕ системи“ утринава падна за над 3 отсто, но е повеќе од двојно зголемена од 2022 година. Компанијата сега вреди 44 милијарди евра.
Во текот на оваа година се очекува заработката во „БАЕ системи“ да порасне меѓу 10 и 12 отсто. Од неа нуклеарни подморници нарачаа Велика Британија, САД и Австралија, а компанијата дизајнира и нов борбен авион за програмата предводена од Италија, Јапонија и САД.