Бројката на тестирани и заразени се намалува, мерките и натаму исти

Продолжува трендот на намалување на бројот на позитивни случаи и на хоспитализирани од КОВИД-19, но во земјава сите мерки се останати исти како и од почетокот на четвртиот бран со сојот омикрон. Главниот координативен кризен штаб и Владата месец дена не одлучуваат по препораките на Комисијата за заразни болести која од пред еден месец работи во нов состав и досега донесе 3 препораки: да се укинат сертификатите задолжителни за влез во моловите, онаму каде што не е задолжително носење на маски, укинување на задолжително поседување негативен ПЦР тест, потврда за прележаност или сертификат за вакцинација при излез од нашата држава, како и укинување на ослободувањето од работа за бремените жени.

Исто така, за да се подигне имунитетот на популацијата, што би било основа и за натамошно релаксирање на мерките, Комисијата веќе почна и со кампања за вакцинирање на луѓето од ризичните групи.

Засега во училиштата останува мерката за задолжително носење на маски. Од Комисијата за оваа мерка не дискутирале на последниот состанок, но како што потенцираше претседателот на Комисијата Александар Петличковски, постои простор за дискусија и за оваа мерка, ако се направи нов скрининг, бидејќи тој што неодамна го прекинаа и со кој беа опфатени 2.200 теста, само 18 деца биле позитивни. Тоа според него покажува дека маските се фактор кои спречиле ширење и пренос на вирусот.

Од Комисијата сепак истакнуваат дека пандемијата не е завршена, но трендот е многу добар.

Во последните четири недели од извештаите на Институтот за јавно здравје се забележува намалување на сите релевантни параметри што ја проценуваат состојбата со пандемијата. Има намалување на бројот на позитивни случаи, на бројот на хоспитализирани, но и на бројот на починати заразени од КОВИД-19, а тој тренд продолжува.

Сепак, мора да се посочи дека и бројот на тестирани секојдневно опаѓа, па од денови кога имавме над 5.000 тестирани со над 1.000 позитивни сега тој број е преполовен на 2.500-2.600 тестирани со позитивни меѓу 389 и 480 дневно.

Претходна вестЌе почекаме на пролетта: Доаѓаат снег и дожд
Следна вестПензионерите за април, мај и јуни ќе добијат 1.000 денари помош поради светската криза