На 1 јануари 2023 година, бројот на населението на ЕУ изнесуваше 448,4 милиони, споредено со 446,7 милиони на почетокот на 2022 година, покажуваат најновите податоци на Европската агенција за статистика Еуростат, објавени денеска, по повод Светскиот ден на населението. Негативната природна промена на населението (повеќе смртни случаи отколку раѓања) се компензира со позитивна нето миграција.
Набљудуваното зголемување на населението во голема мера може да се припише на зголемените миграциски текови по пандемијата на Ковид-19, како и на раселените Украинци на кои им беше доделен статус на привремена заштита во земјите на ЕУ како резултат на руската инвазија на Украина, објаснуваат експертите.
Разгледувајќи подолг период, населението на ЕУ порасна од 354,5 милиони во 1960 година на 448,4 милиони во 2023 година. Ова претставува зголемување од 93,9 милиони луѓе.
Меѓутоа, во последните децении, стапката на раст на населението постепено се забавува. Додека жителите на ЕУ се зголемуваа во просек за околу 0,8 милиони луѓе годишно во периодот 2005-2022 година, во 60-тите години на минатиот век нивниот просечен раст беше околу 3 милиони луѓе.
Иако населението на ЕУ накратко се намали во 2020 година за околу половина милион луѓе и во 2021 година за речиси 0,3 милиони луѓе, тоа почна да го обновува својот раст по пандемијата.
На почетокот на годинава, меѓу членките на ЕУ, Германија имала најмногу население (84,4 милиони луѓе), а Малта најмалку (0,5 милиони луѓе).
Германија, Франција и Италија заедно сочинуваат речиси половина (47 проценти) од вкупното население на ЕУ.
Додека вкупното население на ЕУ се зголеми во 2022 година, само седум земји пријавија намалување на нивното население, при што најзначајно намалување на жители има Италија (-179.419 луѓе), а најмало намалување има во Словачка (-5.920 луѓе). Зголемување на бројот на населението е регистрирано во секоја од другите земји-членки на ЕУ, па така најголемо зголемување имало во Германија (1.121.721), а најмало во Летонија (7.251).