Бројот на новозаболени опаѓа, како и бројот на прегледи во болниците кои се најголемите индикатори за состојбата, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Според него, за време на големиот притисок на Инфективната клиника, имало просечно од 120 до 130 прегледи, а сега е некаде околу 90. Тој како пример ја посочи и тетовската болница, каде сега има 90 наспроти 120 прегледи претходно.
Тој повтори дека нема притисок во болниците каде што е висок опфатот со вакцинација во Кавадарци, во Неготино, во Охрид, во Битола, во Ресен, во Гевгелија, туку онаму каде што е помал опфатот на вакцинација.
Тој признава дека меѓу хоспитализираните има и вакцинирани, но најголем дел се со само една дозаи тоа и со ‘Фајзер’ и со ‘спутник’ и со кинеската вакцина, пациенти од странство кои се вакцинирале со ‘Модерна’. Значи, во тој дел нема некоја разлика.
За младите кои починаа од ковид-19, тој вели дека биле невакцинирани.
Интензивно секојдневно се следи и ситуацијата во училиштата, со тоа што МОН ги собира сите податоци на дневна основа и ги споделува и со Министерството за здравство и со Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Врз основа на тоа, вели Филипче, засега нема индиции дека училиштата се ризик во однос на епидемиолошката ситуација, односно здравјето на децата.
До крајот на минатата недела во четири скопски општини во две училишта во секоја од општините имаше по едно заразено дете, односно еден ученик со мал број на контакти според епидемиолошките анкети. Денеска уште дополнително двајца ученици, еден од Велес и тоа е за првпат во внатрешноста и уште едно училиште тука во Скопје.
В среда завршува препораката за онлајн-настава во средните училишта во Струга и во Кичево, останува уште една недела за Тетово и за Гостивар, по што ќе има состанок на Комисијата за заразни болести за да се евалуира дали евентуално треба продолжување.