Бројот на смртни случаи од вирусот за една недела зголемен за 35 проценти

Во периодот од 9 до 15 ноември тестирани се вкупно 20.980 лица во Македонија, што е зголемување од 6,4% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 7.355 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со незначително зголемување во однос на минатата недела, кога беа регистрирани 7.280 нови случаи. Ова стои во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.

Пријавени се 172 смртни случаи од 23 града, зголемување од 35,4% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 135 лица биле над 60 години, 26 лица на возраст од 50-59 години, 9 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и два случаи во возрасната група од 30-39 години.

Најголем дел од регистрираните случаи и натаму се од Скопје. Во наведениот период, процентот на позитивни од тестирани лица изнесува 35%, намалување за 2% во однос на минатата недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 години, а најмал број е регистриран кај децата од 0-9 и 10-19 години.

Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 3.731 (50,7%) лица од машки и 3.624 (49,3%) од женски пол.

Претходна вестГлас за Македонија: Бараме оставка од Владата, носители на пропадната политика немаат кредибилитет за нова национална стратегија
Следна вестСе најде решение, скопските пожарникари надоместокот за ризик ќе го примаат преку Правилник