Никако да се најде решение за лоќиот јавен сообраќај во Скопје. Еве, сега, по втор пат, откако претходно го одбија на крајот на ноември, советниците во Советот на Град Скопје, и вчера не ја прифатија предлог-одлуката за давање согласност за склучување на договор за имплементација на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје”.
Како и претходниот пат, предлагач беше градоначалничката Данела Арсовска, која по цели две години размислување и првично одбивање сепак реши дека сака да се прави овој проек во градот чиј јавен превоз е на работ на колапсот. Ама, предлогот, очигледно, сега ќе оди пак во некоја фиока, до некоја нова седница.
Мнозинството на градски советници меѓу кои се оние од ВМРО-ДПМНЕ, „Левица“ и некои други и натаму не сакаат овој проект, вака како што е предложен, да се прави во градот. Уште од порано, а и на последната седница, тие си кажаа дека за целиот проект имаат оскудни информации, дека не знаат дали се отклонети недостатоците, дали е обезбедена главната водоводна цевка долж булеварот „Партизански одреди“, дали ќе се уништува средишното зеленило по булеварите, дека предвидените постојки многи оддалечени една од друга, се па се до тоа дека изградба на трамвај е подобра опција отколку автобусите…
Сите овие оправдани дилеми треба да се расчистат и советниците се во право кога не го изгласуваат проектот додека не добијат доволни и цврсти докази дека граѓаните, на крајот, ќе добијат подобар систем и поздрава животна средина. Такви уверувања се уште се чекаат да се добијат од градоначалничката Арсовска и прашање е зошто тоа не се прави. Таа мора аргументирано да одговори на сите клучни прашања и дилеми околу овој проект.
Добро е, на пример, што Арсовска иницира проверка на главната водоводна цевка во градот, а што се прави по цели шест децени откако е вкопана во земјата. Но, тој процес треба да заврши и на советниците да им се даде јасен извештај за тоа дали трасата на брзите автобуси ќе смее да поминува преку неа. Така треба да биде и со другите забелешки и дилеми на советниците: што со булеварското зеленило, ќе се корне ли и дали ќе се замени со истата површина, зошто системот БРТ е поприфатлив отколку трамвајски систем, што со распоредот на постојките…
На сето ова треба да се даде јасен и аргументиран одговор. Тогаш, со сите одговорени дилеми, и ќе биде оправдано ваквата точка на дневниот ред да се поставува на секоја седница на Советот на Град Скопје. Тогаш и ќе се види кој сака, а кој не сака, да се реализира тој проект.
Ќе има ли поголема сериозност кај сите одговорни во Град Скопје?