Бугарија одговори на нота од македонското МНР: Неприфатливо се јавните изјави што ја навредуваат или провоцираат другата страна

Секакви јавни изјави со кои се навредува или провоцира другата страна се апсолутно неприфатливи, соопшти вчера Министерството за надворешни работи на Бугарија. Во одговорот на вербалната нота што пред два дена ја упати  македонското МНР  преку амбасадата во Софија, со која изрази незадоволство од неодамнешните јавни изјави на членот на Европскиот парламент и копретседател на политичката паријата ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, бугарското МНР се нагласува дека Бугарија отсекогаш настојувала да ги зајакне и продлабочи пријателството и добрососедските односи со Северна Македонија.

-Бугарската држава инвестира многу напори за реализирање на таа цел во последните години. Во таа насока, МНР одново потенцира дека секакви јавни изјави со кои се навредува или провоцира другата страна се апсолутно неприфатливи. Тие, се посочува, не го претставуваат официјалниот став на бугарската држава и обидите да се претстават како такви се неточни и знак на лоша волја. Без оглед на бројните провокации против Бугарија и особено кон Бугарите во Северна Македонија во последните месеци, бугарското Министерство за надворешни работи смета дека ваквиот говор е неприфатлив и крајно контрапродуктивен. Ваквите изјави не се во интерес на Бугарите во Северна Македонија. Тие го одвлекуваат вниманието на јавноста од правичниот и легитимен стремеж на бугарската заедница за еднакви граѓански права, особено за слободно здружување и одбрана на нивното културно и историско наследство, се наведува во ставот на Софија.

На крајот, бугарското МНР „во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, ги повикува политичарите и јавните личности од двете страни на границата да ги насочат своите напори и пораки кон потпомагање на процесот за враќање на довербата и зајакнување на добрососедските односи“.

 

Претходна вестТаксист ограбил патничка
Следна вестГрад Скопје: Пари за плати во ЈСП се обезбедени, седница на СОветот да се закаже во најкус рок