Бугарскиот клуб во Битола нема да го менува името, ќе оди на суд

Бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола нема да го менува името откако во сила стапија новите законски решенија што ги донесе македонскиот парламент пред три месеци. Ова го изјави претседателот на културниот центар Љупчо Георгиевски по повод истекот на рокот за промена на имињата на здруженијата кои во Скопје се сметаат за контроверзни, пишува БГНЕС.

-Правата ќе си ги бараме на суд ако нè избришат од Централниот регистар, а ако судот во РСМ не ни ги даде правата, ќе ги бараме во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, вели Георгиевски.

Наспроти ова, од буагрскиот клуб „Цар Борис Трети“ најавија дека тие веќе ја започнале процедурата за промена на името.

Во ноември 2022 година, парламентот донесе легислатива, според која веќе законски регистрираните здруженија и клубови може да се избришат од Централниот регистар поради нивните имиња на историски личности кои се поврзуваат со фашизам.

По повод средбата со министерот за надворешни работи Бујар Османи оваа недела, Георгиевски изјави дека оваа прва средба е само еден чекор напред.

-Во разговорот со него изјавивме дека ние не сме надворешен проблем на РСМ, ние воопшто не сме проблем, туку сме решението за Република Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија. Властите не разговарале со нас досега. Подготвени сме да разговараме со секој што сака разговор со нас. РСМ мора да го почитува францускиот предлог, рече Георгиевски.

Тој појасни дека откако во декември бил повикан на распит во обвинителството, сега има друга кривична постапка – од Комисијата за заштита од дискриминација за непромена на таблата на која пишува „Културен клуб Иван Михаилов“.

-И откако се вративме од Брисел (каде се одржа средба со еврокомесарот Вархеи) – има и нова постапка против мене – овој пат за ширење говор на омраза кон луѓе кои имаа македонска национална самодоверба. Тие продолжуваат со обвинувањата против нас, рече Љупчо Георгиевски.

Претходна вестЗдравствените синдикати на протест, се бара јануарската плата
Следна вестПочинат маж пронајден во неговиот дом