Бугарскиот окупатор ги масакрирал тие му порачувале: „Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре“ – Ваташа и денеска ќе заплаче за 12-тe убиени младинци

Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре! Ова бил последниот извик на младиот Васо Хаџи Јорданов, еден од 12 ваташки младинци, кои беа сурово масакрирани во 1943 година од тогашната бугарска окупаторска војска. На денешен ден, пред 80 години во месноста Моклишта, кавадаречко, фашистите јасно покажале дали се администратори на Македонија или окупатори.

Во Македонија денеска се одбележува споменот на Ваташкиот масакар, еден од најтешките што се случиле во текот на Втората светска војна и во кој невини жртви на бугарскиот фашистички окупатор беа дванаесетте младинци. Убиени биле: Перо Видов-15 години, Ванчо Гурев-19 години, Данко Дафков-18 години, Илија Димов- 18 години, Ристо Ѓондев-18 години, Блаже Ицев-20 години, Герасим Матаков-18 години, Пане Мешков- 18 години, Ферчо Поп Ѓорѓиев-26 години, Васил Хаџи Јорданов-28 години, Диме Чекоров-20 години и Пане Џунов-18 години. Колежот го извршила окупаторската бугарската војска и полициски одреди под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56. Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија.

До ова злосторство доаѓа откако по низа успешни партизански акции бугарската војска се решава да преземе одмазнички акции. Тогаш, на 16-ти јуни кавадаречкото село Ваташа било целосно блокирано од војска и полиција, а потоа започнале и приведувањата. Од  Кавадарци стигнал список со имиња за апсење, направен врз основа на една пронајдена фотографија во џебот на уапсениот младинец Диме Чекоров. Фотографијата била направена од првомајската прослава на ваташките младинци во Моклиште истата година.

Историчарот Петар Камчевски од Кавадарци запишал дека откако сите биле уапсени започнало крвавото иследување од страна на поручникот Костов, полицискиот началник Петко Опреков и двајцата бугарски полициски агенти со суровици и тупаници. По крвничкото тепање, младинците биле крвави по лицето со исекотини по лицето и телото и со распрталени алишта.

Од младинците главно се барало да одговорат за целта на првомајскиот собир, за нивното следење на програмата на Радио Москва, за врските со партизаните, за криењето на илегалци, а кај нив биле пронајдени и четири пушки, со кои тие требало да излезат во партизани. Поручникот Костов испратил еден моторциклист во Кавадарци, кој по еден час се вратил со наредба од полковникот Љубен Апостолов, уапсените младинци да бидат стрелани.

Некаде околу пладне младинците двајца по двајца биле изнесени надвор и поручникот Костов им рекол: “Ајде сега да ни го покажете патот по кои требаше да одите во партизани“. Младинките Невена Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Ката Ицева и Павлина Касапинова оделе десетина метри по нивните другари. Околу 13 часот по пеколна горештина пристигнале во месноста Дулово Долче. Блокадата од селото веќе била повлечена, а стрелачкиот вод запрел кај во близина на реката Луда Мара. Младинците застанале под сенката на едно големо дрво, но окупаторските војници се наредиле во полукруг околу нив со митралези и пушки на готовс, а поручникот Костов тогаш наредил: “Наредете се еден до друг за да ве фотографираме“. Девојчињата се наоѓале на десната страна од младинците. Поручникот Костов се обидел да ги припои кон младинците, но полицискиот началник Петко Опреков му се спротивставил дека тоа што тој го прави не е наведено во наредбата. Тогаш Костов отишол кон своите војници и гласно изговорил:“Насекаде каде што одам наидувам на кукавици“.

-Во меѓувреме највозрасниот од младинците насетувајќи дека нешто лошо се подготвува, наеднаш започнал да трча кон реката Луда Мара и се обидел да избега кон капините. По него тргнале и Диме Чекоров и Герасим Матаков. Костов иако во почетокот бил изненаден од смелоста на младинците, веднаш им издал наредба на војниците да стрелаат. Тогаш започнала стравична пукотница. Погодениот Васо Хаџи Јорданов успеал дури да извика: “Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре“. Тој за момент застанал погоден од еден куршум, но продолжил да се засолнува. Останатите младинци погодени од рафалите на пушкомитролезот и куршумите од пушките паѓале како покосено класје еден до друг. Оние кои сеуште покажувале знаци на живот биле убивани. По претрпениот шок од запрепастувачката случка следувал жален писок на девојчињата, од кои три ги изгубија своите браќа. Нозете веќе им биле непослушни и биле приморани да седнат на земјата, одбегнувајќи да го гледаат страшниот призор. Еден бугарски војник отишол кон нив и започнал да им ги дига главите викајќи: „Гледајте, не седнувајте комунистки, гледајте“. Потоа следувало она најстрашното. Војниците како по заповед ги извадиле бајонетите и да бидат сигурни дека успешно ја завршиле работата започнале со нив да ги бодат телата на оние младинци кои сеуште покажувале знаци на живот, пишува историчарот Камчевски.

Бугарскиот поручник Костов потоа сакал и да ги убие и девојките, но на тоа се спротивставил полицискиот началник Петко Опреков кого го поддржал капетан Борис Жеглов, па така тие биле спасени.

За масакрот во Ваташа пишува во „Билтен“ на ГШ на НОВ и ПОМ од септември 1943 година, каде меѓу другото стои: „Тие се изрешетани со куршуми од митралези, па после се исечени и избодени, на некои им се вадени очите и сечени рацете. Младинките се стуткуваат една кон друга, а Костов со шмајзер и револвер, од кого сè уште му чадела цевката, му се закануваше: Гледајте и вас ќе ве снајде истото“. Откако му реферирале за успешно извршената задача, полковникот Љубен Апостолов, кој раководел со акцијата искажал големо задоволство и рекол: „Тоа е тоа, страшни момчиња имам“.

За свирепоста на бугарските фашисти зборува и тоа што тие не им дозволите на родителите да си ги земат убиените деца. Можеа само набрзина со земја, гранки и лисја да ги покријат телата. Погребани се дури подоцна, а по крајот на војната бил организиран вистинскиот погреб кога семејствата сами си ги откопале коските, ги премиле во реката и во мали ковчези ги закопале во Моклиште. Ново погребување е извршено во 1963 година кога на тоа место е направен меморијален споменик.

Злосторот не останал неказнет. Учесниците од стрелачкиот одред кои беа директни учесници во крвавиот ваташки злостор ги стигнала заслужената казна. Во борбата кај с. Страмашево на 13 јули 1944 година два баталјона на Втората македонска ударна бригада во жестоката акција успеаа да ликвидираат 40-сетина бугарски војници од оваа злогласна единица, а само неколкумина успеале да се спасат со бегање. Поручникот Костов и помошникот на полицискиот началник од Кавадарци Петко Опреков биле ликвидирани наскоро по капитулацијата на фашистичка Бугарија. Нивниот наредбодавец полковникот Љубен Апостолов на 3 ноември 1944 година го откриле македонските емигранти во Софија и го привеле во штабот на македонската народноослободителна бригада „Гоце Делчев“. Бил приведен и однесен во Кавадарци каде му е судено како на воен злосторник. Народниот суд во Кавадарци го осудил на смрт.

Во народот останал вечен спомен на невините младинци и на овој невиден злостор. Се одржуваат бројни чествувања секоја година на овој ден. Така ќе биде и денеска кога на Моклиште ќе се откријат спомен бистите на убиените младинци и спомен-собата. А народот и денеска ќе ја запее тажната песна “Ми заплакало селото Ваташа“…

Претходна вестИ денеска нестабилно со поројни дождови и грмежи
Следна вестГерманскиот Бундестаг ја усвои резолуцијата со која ги признава македонската култура, идентитет и јазик