Бугарско МНР: Скопје ја одби поканата за средба на министрите Муцунски и Кондов

Скопје ја одби поканата за средба на министрите за надворешни работи на Бугарија Иван Кондов и на Република Северна Македонија Тимчо Муцунски. Ова го соопштило Министерството за надворешни работи на Бугарија, пренесува бугарскиот медиум Нова.бг.

-Водени од желбата за добрососедски односи и останувајќи доследна на својата политика за одржување отворен дијалог со партнерите од Република Северна Македонија, бугарската страна упати покана до министрите кои ја придружуваа претседателката, г-ѓа Силјановска-Давкова, за средби со нивните колеги, посочуваат од тамошното МНР.

Поканата за средба со бугарски колега била испратена и до министерот и за култура Зоран Љутков.

Како што истакнуваат бугарските медиуми, нивниот амбасадор во Скопје, Жељазко Радуков на средбата во македонското МНР, каде што беше повикан вчера, објаснил дека за време на посетите како оваа минатиот петок на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, „протоколарната практика не предвидува изведба на химни, поставување други државни знамиња, како и други протоколарни атрибути“, со оглед дека ова не била „средба од државен, официјален или работен карактер“. Оттаму додаваат дека „посетата беше по повод културен настан – гостување на Националната опера и балет на Република Северна Македонија во Софија“.

Амбасадорот на Бугарија во земјава Жељазко Радуков, кој вчера беше повикан во македонското Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, одби да ја прими протесната нота поради дипломатскиот пропуст со неистакнувањето на македонското знаме на средбата на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова со нејзиниот бугарски колега Румен Радев во Софија.

МНР потврди дека Радуков ја одбил протестната нота. Овој чин, како што вчера изјавиле за ТВ Сител, претставува тежок дипломатски гаф и оти таа на амбасадорот ќе му биде испратена по дипломатски пат.

Претходна вестПешак смртно прегазен во Тетово
Следна вестМасовна тепачка во Скопје – приведени три лица