Бутел триумфално ја заврши сезоната со сигурна победа над Охрид

Ракометарите на Бутел Скопје славеа убедлива победа над Охрид со 24-17 во последното коло од плеј-офот на македонската ракометна Суперлига. Натпреварот беше без поголемо резултатско значење и се одигра повеќе за престиж меѓу двете екипи.

Гостите од Охрид за нијанса подобро го отворија натпреварот и имаа водство во неколку наврати, но до крајот на првите триесет минути Бутел успеа да одговори со позитивна серија и го сврте резултатот во своја полза. Домашните заминаа на паузата со предност од три голови разлика, 12-9.

Вториот дел донесе далеку подобра игра на бутелчани, кои ставија во посилна брзина и започнаа да го полнат голот на гостинскиот тим. До 45. минута од натпреварот Бутел имаше веќе огромна предност од 19-12 и веќе беше јасно кој ќе биде победникот на денешниот дуел. Охриѓани се обидуваа да го поправат впечатокот, но некако останаа без сили за поголемо изненадување и резултатско враќање во натпреварот. Бутел имаше и предност од осум голови (23-15), а на крајот славеше победа со конечни и сигурни 24-17.

Најефикасни играчи во победничкиот тим беа Кристијан Давитковски со и Мирко Мајиќ со по шест голови, додека кај Охрид најрасположен за игра беше Деан Шешиќ, кој беше автор на пет погодоци. Завршува сезоната во македонската ракометна Суперлига, а во неа имаме нов шампион – тоа е битолски Еурофарм Пелистер, кој успеа да го совлада Вардар 1961 во круцијалниот меч за титулата.

Претходна вестГрад Скопје: Граѓаните добиваат нова ботаничка градина во ЗОО Скопје
Следна вестАрачиновец осомничен за насилство кон градоначалникот на општината