Царинска управа: Запленет автомобил, пиротехнични и распрскувачки материјали, цигари, лекови и фалсификати…

Царинските службеници во текот на минатата недела откриле повеќе обиди за криумчарење разна стока. Во три случаи, како што денеска соопштија од Царинската управа, запленети се еден автомобил и комплет регистарски таблички, а за македонски државјани е поднесена прекршочна постапка до надлежен суд заради прекршување на царинската регулатива и одбегнување на плаќање увозни давачки што се плаќаат при увоз на возило. Запленети се пиротехнични и распрскувачки материјали, цигари и тутун за пушење, лекови, гасни пиштоли, опрема за мотоцикли, употребувани гуми, девизи, облека, парфеми, фалсификати и друга стока.

Првиот случај е откриен од страна на мобилни царински тимови на регионалниот пат Росоман – Прилеп при контрола на патничко возило марка „Волво С40“ со унгарски регистарски таблички управуван од македонски државјанин. При контролата е утврдено дека лицето не поседувало ниту сообраќајна дозвола, ниту царински документи за возилото. Како што стои во соопштението, возилото е запленето, а против лицето е поведена прекршочна постапка до надлежен суд заради прекршување на царинската регулатива и одбегнување на плаќање увозни давачки коишто се плаќаат при увоз на возило.

Царинските службеници на граничен премин Јажинце спречиле обид за криумчарење на 3.312 пиротехнични и распрскувачки материјали. Истите се пронајдени при контрола на автомобил, управуван од македонски државјанин, кој се обидел производите да ги внесе во државата во багажниот простор од возилото. Производите се запленети, а против лицето ќе се поднесена кривична пријава до надлежно Јавно Обвинителство заради сторено кривично дело недозволено изработување, држење и трговија со оружје и распрскувачки материјали.

На излез од државата на граничниот премин Ќафасан, при контрола на автомобил се запленети 60 гасни пиштоли, 3.200 зрна дијаболи, како и осум рамки за гасни пиштоли. Против возачот, македонски државјанин, се додава во соопштението од Царинската управа, ќе биде поведена соодветна постапка.

Запленети се и 61 парчиња делови и опрема за мотоцикли, што се откриени од царински службеници при контрола на автомобил на влез во државата на граничниот премин Табановце. Против сторителот ќе биде поведена соодветна постапка.

Царински службеници на излез од државата на Меѓународниот аеродром Скопје при контрола на чекираниот багаж на германски државјанин откриле 538 парфеми. Непријавените парфеми се запленети, а против патникот е поведена прекршочна постапка.

Запленети се и 22 штеки цигари, и 2900 грама тутун за пушење, по извршена контрола на патник на излез од државата на Меѓународен Аеродром Скопје. Делото е откриено при контрола на патник со македонско и бугарско државјанство, а истиот поседувал и британски документи.

 

– 103 парчиња облека се откриени при контрола на автомобил кој бил пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи биле пронајдени во кеси сместени во багажникот и пред задното седиште. Истите се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка, се подвлекува во соопштението и се додава дека 32 парчиња облека, 10 пара обувки, алати и 20 литри вино, се откриени при контрола на камион кој бил пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.

Непријавените производи се пронајдени на горниот кревет во кабината на камионот. Истите се запленети, а и истите се привремено задржани. Против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Во два одделни случаи откриени се и девизни прекршоци. Првиот случај е откриен на излез од државата на Меѓународниот аеродром Скопје, при контрола на турски државјанин кој патувал за Истанбул. Во чантата на лицето се откриени 17.100 американски долари за кои немало потврда за внесување на ефективни парични средства издадена од царинските органи при влез во државата. Согласно закон на лицето му биле вратени девизни средства во противвредност на 10.000 евра, износ што нерезиденти можат слободно да го изнесат од државата, а останатите се привремено задржани.

Вториот случај е откриен од страна на мобилните царински тимови на граничниот премин Богородица на излез од државата. При личен претрес на патник, македонски државјанин, во џебот од јакната биле пронајдени 6.700 евра, за коишто не поседувал документ за потекло. Согласно Законот за девизно работење, вратени му се 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а останатите се привремено задржани. За сторениот девизен прекршок во двата случаи ќе биде поведена прекршочна постапка.

Претходна вестГлоба од 4.000 за Детската клиника, 1.200 за директорот, нема дежурен доктор во амбуланта, прегледи вршат специјализанти…
Следна вестГрад Скопје: Со часови се чека автобус за училиште и работа поради суетата на Мицкоски