Викендов во Солун се одржа Анти-расистички фестивал на кој со свој штанд учествуваше и Центарот за Македонски јазик од Лерин, објави денеска Матица на иселениците од Македонија.
Во објавата на Фејсбук-страницата на Матица на иселениците се наведува дека на штандот биле претставени печатени дела посветени на борбата за македонски јазик и култура во Грција.
-Центарот за Македонски јазик ја претстави борбата за македонскиот јазик и култура во Грција, борбата на Македонците за своите права и слободи, со повеќе експонати: весници и книги на македонски и грчки јазик во кои пишува за Македонците во Грција за македонската култура во Егејскиот дел на Македонија и цела Грција, се наведува во објавата.
На штандот беше истакнато и паното на Центарот за макеоднски јазик на кој беше испишаноа и пораката: Македонски јазик: Нашето минато, нашата иднина.
Познато е, минатата година Центарот за македонски јазик во Лерин и официјално беше законски регистриран како невладина организација во Грција. Основниот суд во Лерин ги одбил сите тужби за укинување на овој центар, кој официјално беше регистриран во ноември лани. Тужбите за поништување на првичната одлука за одобрување на неговата регистрација беа поднесени од неколку ултранационалистички грчки движења и мали партии.
Ова е прва официјална потврда за постоењето на македонскиот јазик во Грција, откако во 2022 година барањето за регистрација на Центарот за македонски јазик како невладина организација беше одобрено од грчкиот суд, со што Центарот стана првата организација која директно се грижи за македонскиот јазик и што е регистрирана и призната од грчките државни органи.
-Центарот за македонски јазик го изразува своето нескриено задоволство што после децениска борба, македоноговорното население во Грција се соочува со позитивен судски исход во однос на неговите легитимни барања. Правото на слободно здружување конечно е достапно и уважено во однос на организација за подршка на македонскиот јазик. Веруваме дека сега е време ова човеково право да биде достапно и за други слични невладини организации кои во минатото барале и во иднина ќе бараат нивна судска регистрација, беше наведено во ланското соопштение од здружението.
Центарот за македонски јазик во Грција тогаш најави дека ќе продолжи да делува за постигнување на своите цели меѓу кои и изучување на македонскиот литературен јазик од страна на граѓаните на Грција преку интернет-страница, поддршка на заложбите за идно воведување на македонскиот јазик како изборен предмет во јавните училишта и универзитетите во Грција, кои се наоѓаат во регионите Западна Македонија, Централна Македонија, Источна Македонија и Тракија и поддршка на заложбите за идно формирање на педагошки училишта или одделенија во рамките на постоечките универзитети во Грција за обука на наставници по македонски јазик, како и за изработка на наставни програми и наставни материјали.