Бесплатни онлајн курсеви по македонски јазик организира нова невладина организација основана оваа година Центар за македонски јазик во Грција. На интернет страницата на оваа организација makedonski.gr е наведено дека курсевите се наменети за почетници, граѓани на Грција кои имаат малку или немаат воопшто познавање на стандардниот македонски јазик, за сите возрасни групи. Сите лекции се достапни во ПДГ формат ПДФ и видео формат. Центарот неодамна поднесе барање за регистрација до властите во градот Лерин, објави порталот МКД.мк.
На веб-страницата е наведено дека активностите на Центарот се групирани во три основни области: образование, застапување и документација. Во областа на образованието целта е да се даде поддршка во напорите и легитимните заложби за идно воведување на македонскиот литературен јазик како изборен предмет во јавните училишта (основно и средно) и универзитетите во Грција, лоцирани во регионите Западна Македонија, Централна Македонија и Источна Македонија и Тракија.
-Поддршка за идното можно основање на педагошки училишта/одделенија во рамките на постојните универзитети во Грција, во насока на обучување и образовно квалификување на локални наставници по македонски јазик, како и подготовка на соодветна наставна програма и наставни материјали, се наведува на интернет страницатана Центарот.
Целта е, исто така, застапување и поддршка на легитимното барање за признавање на македонскиот јазик како малцински јазик во Грција, вклучително и за ратификација на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за малцински јазици од страна на Парламентот на Грција.
-Поддршка на иницијативи за заштита на јазичните права на говорителите на македонски јазик во Грција, вклучувајќи го правото непречено да користат свој јазик во приватната и јавната сфера, правото да ги користат нивните традиционални семејни презимиња, правото да регистрираат културни здруженија со цел негување на етнокултурниот и јазичниот идентитет итн. Спроведување на јавни кампањи за пробив и унапредување на јавната употреба на македонскиот јазик во Грција од страна на неговите говорители, вклучително и преку употреба на традиционалните топоними на населените места во северна Грција, заедно со сегашните топоними, наведуваат од Центарот.
Курсевите може да ги посетуваат граѓани од сите возрасти а сите лекции се достапни во ПДФ и ВИДЕО формат преку Систем за управување со учење (ЛМС). Наставниот јазик ќе биде грчкиот.