Честитка од претседателот Пендаровски по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан и сите православни верници, и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев и припадниците на Евангелско – методистичката црква во државата.

Почитувани,

Дозволете ми да Ви го честитам најголемиот христијански празник – Велигден со пораката: Христос Воскресна!

Христовото воскресение нѐ ослободува од стравот од смртта, но и нѐ обврзува, наместо пасивни набљудувачи, да бидеме активни учесници во обновата. А тоа ќе го правиме со секој чин на солидарност кон ранливите и грижа за природата, со заложбите за слобода, правда и мир, со борбата за социјална правда и за достоинствен живот на нашите сограѓани. Враќајќи ни ја надежта во општото добро, овој празник нѐ потсетува дека сме си потребни едни на други и дека сме одговорни едни за други. Следејќи го Христовиот пример, да се сплотиме околу визијата за хумано, праведно и просперитетно македонско општество во кое ќе има место за секого бидејќи, секој човек, независно од етничката, верската, јазичната, социјалната, политичката или која било друга припадност – е наш ближен.

Христос воскресна!

Навистина воскресна!

Претходна вестГ.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби
Следна вестМицкоски: Поучени од христијанските начела, да си ја сакаме државата, да го сакаме ближниот, да направиме се утре да биде подобро од денес