Чествување за 12-те стрелани ваташки младинци

Со повеќе манифестации во Кавадарци и во селото Ваташа денес и утре ќе биде одржано чествувањето на споменот за 12-те стрелани ваташки младинци од страна на бугарскиот окупатор во текот на НОБ. Ваташкиот масакр, кој се случи на 16 јуни 1943 година, е едно од најголемите злосторства во времето на Втората светска војна во Македонија. Со намера да се спречи големиот подем на Народноослободителното движење, а сѐ во рамките на Јунската непријателска офанзива, бугарскиот фашистички окупатор во месноста Моклиште стрелаше 12 младинци на возраст од 15 до 27 години, сите од селото Ваташа. Списокот за нивното апсење бил направен врз основа на една фотографија пронајдена во џебот на младинецот Диме Чекоров, која била направена на првомајската прослава на ваташките младинци истата година. Нивните имиња се: Васил Хаџи-Јорданов, Ферчо Поп-Ѓорѓиев, Диме Чекоров, Данко Дафков, Илчо Димов, Герасим Матаков, Блаже Ицев, Ванчо Гурев, Пане Џунов, Пане Мешков, Ристо Ѓондев и Перо Видев.

Под мотото „Да не се заборави! Заедно да им оддадеме почит на 12-те ваташки младинци!“, градоначалник на Кавадарци Митко Јанчев најави дека по тој повод вечерва во Кавадарци ќе се одржи свечена академија во Домот на културата „Иван Мазов Климе“, со почеток од 19 часот. Тој ќе има обраќање, а ќе биде одржан и историски час за 12-те ваташки младинци, ќе се промовира книгата „Мемоари“, ќе се изведе песната „Ми заплакало село Ваташа“…

Утре, со почеток во 10 часот, чествување ќе има пред споменикот на младинците во месноста Моклиште. Таму ќе се изврши откривањето на бистите на 12-те младинци, а ќе се отвори и посебна спомен – соба.

Претходна вестПотона брод на кој имало околу 500 мигранти, голем број на жртви
Следна вестПротест за поддршка на Тони Менкиноски, доби пријава затоа што го развеа знамето со сонцето од Кутлеш