За време на посетата на музејот „Хехт“ во израелскиот град Хаифа, четиригодишно момче случајно скршило амфора стара 3.500 години.
Претставникот на музејот потврдил дека садот потекнува од бронзеното време, од периодот помеѓу 2200 и 1500 година п.н.е. и дека бил редок поради неговата одлична зачуваност, пренесува Би-би-си.
Таткото на момчето изјавил дека неговиот син го поместил експонатот „бидејќи бил љубопитен да види што има внатре“, но потоа садот паднал и се скршил.
Таткото на момчето рекол дека бил во шок кога го видел синот покрај скршената амфора и на почетокот мислел дека неговото дете не го направило тоа.
-Има случаи кога изложените предмети се намерно оштетени и таквите случаи се третираат со голема сериозност, што подразбира и интервенција на полицијата. Ова не е таков случај бидејќи детето случајно го турнало садот при посетата на музејот, изјави Лихи Ласло од музејот Хехт.
Таа потврди дека е поканет специјалист за реставрација на антиквитети да ја обнови скршената амфора и дека предметот за кратко време повторно ќе биде изложен во музејот.
Амфората најверојатно се користела за чување локални производи, како вино или маслиново масло.
Постара е од библискиот крал Давид и крал Соломон и е карактеристична за регионот Кана на источниот брег на Медитеранот.