И четворица македонски државјани ќе бидат меѓу 600 странски државјани коишто денеска ќе можат да ја напуштат завојуваната Газа преку граничниот премин Рафах и да влезат во Египет. Во веста што ја пренесе државната агенција МИА се наведува дека тие се на спискот објавен утринава од страна на пограничните власти на Газа.
Инаку, според информациите на македонското Министерство за надворешни работи за евакуација од Газа во Египет чекаат петмина македонски државјани
Во информацијата што ја објави „Њујорк тајмс“, на списокот се имињата на лица од 15 странски земји, меѓу кои и С Македонија.
-На списокот се 400 Американци, како и луѓе од Мексико, Унгарија, Хрватска, Јужна Кореја, Азербејџан, Грција, Чад, Бахреин, Италија, Швајцарија, Шри Ланка, Холандија, Белгија и Северна Македонија“, се наведува во веста на „Њујорк тајмс“.
Преминот беше отворен вчера по повеќе од три недели целосна блокада од страна на Израел, поради што голем број странски државјани и носители на двојни државјанства се најдоа заглавени во Појасот.
Како што денеска информираат од МНР, на листата за напуштање на Газа, покрај овие петмина, е и една палестинска државјанка за која велат дека е сопруга и мајка на две деца што имаат македонско државјанство.