Четворица скопјани набавиле 324,4 килограми кокаин од Албанија

Уапсени се четири лица, кои во текот на јуни 2021 од Албанија набавиле, а потоа и организирале пренесување на 300 пакувања со маса од 324,4 килограми кокаин за Италија. Четворицата уапсени се од Скопје.

– Во текот на вчерашниот ден Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал и Одделот за организиран криминал на Република Албанија спроведе координирана полициска акција, при што изврши претреси на повеќе локации на подрачјето на Скопје и Прилеп и лиши од слобода четири лица, и тоа А. М. (51), Д. З. (37), М. Ј. (35) и Д. Ј. (39), сите од Скопје.

Денеска (4.4.2023), до ОЈО за ГОКК поднесена е кривична пријава против А. М., Д. З., М. Ј., сите од Скопје, како и против Р. Т. (45) од Прилеп, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, соопшти Сузана Прањиќ-Талевска од МВР.

Четирите лица се дел од меѓународна организирана криминална група инволвирана во организирање транспорт на кокаин за земјите од ЕУ, кои во текот на јуни 2021 од непознати лица од Албанија набавиле, а потоа и организирале пренесување на 300 пакувања со маса од 324,4 килограми кокаин за Р. Италија со товарно возило „даф“ со приколка, со скопски регистарски ознаки, управувано од Н. А..

Имено, на 16.6.2021, Н. А. на ГП Ќафасан остварил излез од Република Северна Македонија кон Република Албанија, при што на царинските управи на двете држави декларирал извоз на легална стока – железо, со крајна дестинација во Италија. Истиот ден А. М. и Р. Т., одделно, на ГП Блаце оствариле излез од државата кон Р. Косово, а потоа заедно, со патничко возило, преку ГП Морина/Кукс се упатиле кон Албанија. Следниот ден (17.6.2021), Д .З. и М. Ј. на ГП Блаце оствариле излез кон Р. Косово, а потоа со патничко возило преку ГП Морина/Кукс се упатиле кон Албанија. Потоа, по претходен договор, на локација во Албанија приколката била одвоена од влекачот, управуван од Н. А., а во просторот кај резервоарите за нафта во влекачот биле ставени 300 пакувања со бруто-маса од 324,4 килограми кокаин, набавен од албански државјани. Потоа приколката повторно била споена со влекачот, кој се упатил кон пристаништето Драч, со цел стоката да се пренесе во Италија по претходна организација на А. М., Р. Т., Д. З. и М. Ј.

На 18.6.2021, на ГП на пристаништето во Драч – Р. Албанија, од страна на службени лица  цариници од Царинската управа на Р. Албанија извршено е скенирање на товарното возило со приколка управувано од Н. А., при што во влекачот биле забележани скриените пакувања по што бил извршен претрес и биле пронајдени 300 пакувања кокаин со вкупна тежина од 324,4 килограми. Против Н. А. е поднесена кривична пријава до надлежното Специјално јавно обвинителство во Тирана, Р. Албанија, за сторено кривично дело поврзано со недозволена трговија со наркотични дроги.

Поради ова, на 3.4.2023 спроведена е полициска акција на повеќе локации на подрачјето на Скопје и Прилеп, а врз основа на издадени наредби извршен е претрес кај лицата, при што се пронајдени и одземени повеќе мобилни телефонски апарати, СИМ-картички, патничко возило и документација. При обид да биде лишено од слобода, едно од лицата, Р. Т., не почитувал полициска наредба и со возилото удрил во службено полициско возило, при што добил тешки телесни повреди и е задржан на болничко лекување, информираат од МВР.

Притоа четирите лица се лишени од слобода, а кривично пријавените се изнесени пред судија на претходна постапка.

Претходна вестАмерикански институт за воени студии: Русите напредуваат во Бахмут
Следна вест35 санкции за автобуси што вршат превоз на ученици