Четврти случај годинава: Пациент почина на Инфективна поради компликации од Западно-нилска треска

78 годишен жител од Чешиново–Облешево починал на 16-ти на Клиниката за инфективни болести поради компликации од вирусот на Западно- нилска треска, информира Институтот за јавно здравје. Тој е четврт случај годинава и случајот во ИЈЗ е пријавен на 12-ти месецов.

Првичните симптоми кај пациентот започнале на 09.09.2024 со намален апетит, малаксаност и покачена температура до 39°Ц. Поради појава на вознемиреност, агресивност, афазија и губиток на свест, пациентот на 10.09.2024 година со возило од ИМП Кочани е пратен во КБ Штип каде биле спроведени дијагностички невролошки процедури.

-Поради тешката состојба на пациентот и дијагностициран енцефалитис, во текот на истиот ден е упатен за УК за инфективни болести и фебрилни состојби Скопје. Земени се примероци за микробиолошки анализи на повеќе причинители. Со серолошко испитување е добиен податок за присуство на антитела кон причинителот – WNV од вирусолошката лабораторија при ИЈЗ во серум и ликвор, односно потврдено е заболувањето Западно-нилска треска. Поради влошената состојба на пациентот и покрај поставување на кислородна маска и дадена терапија за стабилизирање на состојбата, пациентот егзитирал на 16.09.2024 за време на хоспитализација при КИБФС, пишува во извештајот на ИЈЗ.

Претходна вестНад 200.000 граѓани ова лето купиле патничко осигурување за одмор во странство, за 6 отсто повеќе од лани
Следна вестМодуларната болница кај Инфективната клиника ќе ја користат Затвор Идризово или Министерство за одбрана