Член на Судскиот совет пријавил дека некој му претурал по работите во канцеларијата

Пријава дека некој му влегувал во канцеларијата и претирал по работите доставил член на Судскиот совет. Ова денеска пред новинарите го потврди претседателот на советот, Сашко Георгиев, кој рече и дека имало полициски претрес.

-Не гледам проблем во целата ситуација. Не се криеме од таа состојба. Штом имаме такви сомнежи, редно е тоа да се испита, рече Георгиев без да каже дали нешто било пронајдено.

Полицијата ги проверувала камерите во Судскиот совет.

Инаку, Судскиот совет на денешната 442 седница утврди престанок на судиска функција поради исполнување на услови за старосна пензија на четворица судии.

Станува збор за судиите Аце Бакиевски од Апелацискиот суд Битола, Елези Исмаил од Основен суд Кичево, Зоран Стевановски од Основен суд Прилеп и Александра Зафировска од Основен суд Тетово. На денешната седница, исто така, беше донесена одлука за определување на в.д претседател на Основен суд Прилеп, при што беше избрана судијката Јасмина Шишковска Стојковиќ.

За точката поврзана со формирање на Комисија на известители по поднесено барање за утврдување одговорност на судија/претседател на суд јавноста беше исклучена.

Во врска со претставката за корупција против врховен судија и член на советот, Георгиев кажа дека било постапено, а истрагата  сега е во рацете на Обвинителството. Архивирањето на постапката, а потоа препраќање во обвинителството е редовна процедура, кажа Георгиев.

Претходна вестКај Грк и Австриец пронајдена дрога на Табановце
Следна вестБензините поскапи еден, а дизелот за 1,5 денари