Поплавите што ги предизвика циклонот Борис на југот на Полска и на истокот и северот на Чешка, синоќа го однесоа првиот живот во Полска, а во Чешка се трага по четири исчезнати лица. Илјадници граѓани во двете земји се евакуирани од нивните домови, а најдраматична е состојбата во басенот Клодска, соопшти утринава полскиот премиер Доналд Туск, кој ги посетува погодените подрачја.
Во Шлезија и Малополското војводство на југозапад и југ од Полска, во областа на границата со Чешка, планинските потоци и реки поради обилните врнежи се претворија во порои, а на некои места водата е веќе над насипите, додека вештачките езера во хидроцентралите се исто така полни.
Во градот Глухолази на границата со Чешка, каде почнаа поплавите и каде што водата ги проби заштитните насипи, градоначалникот Павел Шимкович утрово со драматична порака – „тонеме“, упати апел до сите да се евакуираат на повисоките места.
Полските пожарникари вчера со помош на армијата и територијалната одбрана ги зајакнуваа насипите, отстрануваа паднатите дрвја и гранки кои го отежнуваат железничкиот сообраќај, кој е во прекин на 40 пруги.
Поради силниот ветер и поплавите голем број граѓани останаа без струја, а на места недостапен е и сигналот од мобилната телефонија.
-Донесовме одлука да почнеме да ја користиме сателитската комуникација преку Старлинк, но не треба да се надеваме дека секаде веднаш ќе се воспостави врска, изјави Туск.
Во соседна Чешка вчера започна потрагата по четворица исчезнати, еден маж на југот на Моравија кој надојдените води го однеле од пред неговата куќа, а три лица исчезнале откако автомобилот им паднал во реката. 260.000 луѓе се без струја поради бурните ветрови и поплавите во Чешка, главно во Моравско-шлезискиот регион на истокот од земјата.
Моравско-шлезискиот регион и Оломуц прогласија вонредна состојба во саботата, а на некои места насипите и пороите на претежно помалите реки или горниот тек на поголемите, Одра и Елба, се излеаа над браните на помалите хидроцентрали. , иако изминатите денови забрзано испуштаа вода од нивните вештачки акумулации.
Досега околу 80 отсто од очекуваните врнежи што ги донесе циклонот Борис паднаа во Чешка, а се проценува дека поплавите ќе останат само локални. Градот Јесењик и околните општини на границата со Полска се целосно „отсечени од светот“ поради поројните дождови.