Денеска новоизбраниот премиер на Македонија Талат Џафери ќе му помогне на довчерашниот вршител на таа должност да се раздели со премиерската фотелја. Имено, за денеска е предвидено Димитар Ковачевски и Џафери да извршат примопредавање на должноста.
Ковачевски заминува од големиот владин кабинет, а според она што до сега провеја во јавноста, службите веќе правеле терен за техничкиот премиер.
За потсетување: Вчера со 65 гласа „за“ и три „против“, Собранието ја изгласа техничката влада, по двочасовна дискусија. На засебна седница се констатираа и заменик-министрите, како и дополнителните заменик-министри. ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за изборот на влада, иако партиципира во неа со дваjцa министри. За опозиционерите Џафери е недостоен да биде технички премиер.
Инаку, засега е непознато какво сценарио е предвидено околу разделбата на Ковачевски и фотелјата. Ќе има ли гушкање, што ќе си кажат?
Но, познато е дека лидерот на СДСМ веќе од поодамна и вети дека ќе и се врати:
–На парламентарните избори пак, победник ќе биде проевропската коалиција која ја предводи СДСМ, а јас ќе сум повторно премиер, нагласи тој.
Овој пат ветувањето му зависи и од народот. Тој ќе цени што до сега Ковачевски исполнил од многуте ветувања што ги даде и потоа на избори ќе каже дали ќе му дозволат ветувањето кон фотелјата да го исполни.