ЦУК, ЦУК Стојанче – кој ги пали пожарите на отворено среде зима?

Зима е, ама пожарите на отворено во Македонија никако да запрат. Десетина, дваесетина пожари е речиси секојдневен податок во дневните информации што ги споделува Центарот за управување со кризи.

Вчера, на пример, пожарникарите изгаснале дури 21 ваков пожар. Горело најмногу на скопското подрачје каде имало десетина пожари, горело и во Битола, Струмица, Куманово… Иста така, беше и во изминативе денови на разни други подрачја низ земјава.

Апсурдот е дека ваквите пожари на отворено се случуваат токму во екот на зимата, кога времето е студено, кога влажноста е поголема, кога е невозможно да дојде до самозапалување на тревите или шумите како во летниот период. А тоа значи дека сите овие пожари имаат свој конкретен причинител.

Апелите на ЦУК да не се палат стрништа укажуваат дека од таму доаѓа најголема опасност. Но, дали само од таму? Очигледно е дека добар дел од ваквите пожари имаат и свој предзвикувач во разни пиромани, фрустрирани лица, злонамерници…  

Кога ќе биде фатен и казнет еден потпалувач на пожар? Прашање на ден е кога некој од намерно предизвиканите пожари ќе направи поголема и опасност и штета.

Апелите очигледно не вродуваат со плод и време е за една поголема контрола на теренот. Прво од самиот ЦУК кој го води искусниот Стојанче Ангелов би требало да има повеќе активности, не е доволно да се лоцираат и бројат пожарите. И секако, пред се на терен треба да излезат разните инспекции, шумарските служби, полицијата… тие се дебело платени за да ги штитат националните богатства.

Инаку, ако сите надлежни останат лежерни, со неоткривање и неказнување на барем неколку пиромани, фрустрираните само се охрабруваат за повторно да предизвикат пожар. 

Мора брзо да се реагира. Наскоро доаѓа пролет, потопло време… А и сите се сеќаваме какви катастрофални пожари ни се случуваат во лето.

Претходна вестБојмацалиев на средба со раководството на СВР Куманово: Намалување од 3,6% на вкупниот криминалитет, зголемена ефикасност од 37,1%
Следна вестЗа 300 отсто поскапеа дел од катастарските услуги, за имотен лист наместо 1,250 денари, ќе треба да се плати најмалку 3.750 денари