Засега, пожарот кај охридското село Косел е ставен под контрола, соопшти денеска Центарот за управување со кризи. Пожарот се гаси и со помош на два хелихоптера што црпат вода од Охридското Езеро. Оттаму велат покрај силите од воздух, на терен се распоредени противпожарни екипи, екипи на јавните претпријатија и на подружницата на „Македонски шуми“, како и месното население.
-Со механизација е направен појас околу најкритичните места, со цел да се спречи ширење на пламенот кон боровата шума. Доколку таа биде запалена, тешко ќе се изгаси, информира ЦУК.
Кирил Пецаков, градоначалникот на Општина Охрид очекува во текот на денот да биде изгаснат пожарот кај селото Косел.
-Состојбата со пожарот во Охридскиот регион е стабилна благодарение на преземените интензивни активности за гаснење од земја и воздух, кои ќе продолжат и денеска, вели Пецаков.
Од ЦУК информираат дека во текот на вчерашниот ден имаше вкупно 29 пожари на отворено, од кои во моментов пет се активни, три се ставени по контрола, а 21 е изгаснат.
Се уште гори во Општина Македонски Брод, кај селата Тажево и Брезница со крак кон Јасен, во Општина Демир Хисар – Охрид, кај Илинска Планина и село Базерник, во Општина Гевгелија, кај селата Фурка кон Каравалија, во Општина Студеничани, кај селата Драчевица и Црвена Вода, м.в.Темна Бука и во Општина Пробиштип кај селата Зелениград и Јамиште.