Во последното деноноќие во Центарот за управување со кризи имало вкупно 1.568 повици на Единствениот број за итни случаи 112. „Реални“ повици за итни случаи на 112 во ЦУК биле 41,90 отсто, а 58,10 проценти други, именувани како „неитни повици“, што биле за други потреби на граѓаните. Од специфичните итни случаи од вчера, ЦУК го издвојува спасувањето повреден од непристапен терен.
– Регионалниот ЦУК Скопје извести дека по утринскиот повик на Единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК е координирана спасителната акција за повредено лице, ловец, со скршена нога, на непристапен и опасен терен во реон на с.Буковиќ (Општина Сарај). Преку Секторот за операции и координација во ЦУК, заради непристапноста на теренот, било упатено барање до МВР за ангажирање на воздухоплов. МВР веднаш одговорило на задачата и медикоптерот – пред неговата промоција со симулација за спасување во Битола, на која оправдано задоцни, имаше прв лет за спасување при реална ситуација. При ова спасување и транспортирање на опасно повреден во тешки услови на речиси непристапен терен, согласно повратните информации за развој на извлекувањето, сите ангажирани институции, служби, членови на здруженија и мештани реагираа максимално координирано и оптимално во интерес на вкупната безбедност, а особено за безбедноста на повредениот – за при извлекувањето од бездната за да не дојде до поголеми повреди на скршената нога. Ловците, кои покажаа и голема саморганизираност и знаења за спасување на терен и дејствуваа по професионалните совети на докторите од ИМП, на полицијата, на пилотите, а и на мештаните, по спасителната акција се јавија во ЦУК искажувајќи голема благодарност до сите ангажирани за време на спасителната акција, а и по приемот во болница. Тие самоиницијативно ја искажаа таа благодарност и преку социјалните мрежи и информираа дека по операцијата повредениот ловец е во добра состојба, се наведува во соопштението.
Од ЦУК информираат дека за вакви специфични спасителни акции е евидентно дека овозможуваат да се подигне знаењето на граѓаните како треба да се подготват кога одат во планински предели и како да реагираат и да соработуваат со институциите од Системот за управување со кризи во слични животозагрозувачки ситуации.
Како што информираат од ЦУК, кон полиција биле упатени 43,48 отсто од повиците од 112, кон Итната медицинска помош 40,00 проценти, кон пожарникарите 6,52 отсто, а кон АМСМ биле упатени 0,44 проценти.