Потребен ни е претседател кој ќе биде независен од политичките партии и нивните претседатели. Ова е напишано во „Визија за претседател“, текст, со која познатиот инфектолог д-р. Вело Марковски денеска ја најави својата кандидатура за шеф на државата.
Неговиот тим соопшти дека Марковски ќе поднесе кандидатура за македонски претседател како независен кандидат на претстојните претседателски избори. За четврток е закажана и промоцијата на неговата кандидатура.
-Претседателот на државата е маргинализиран. Затоа ни е потребно народот да избере одговорен и способен претседател кој ќе биде независен од политичките партии и нивните претседатели, пишува Марковски во својата „Визија за претседател“, која е објавена на неговата веб-страница „веломарковски.мк.“
Во објавениот документ познатиот универзитетски професор додава и тоа дека „претседател избран од граѓаните, од народот, има целосен легитимитет да биде коректор на политиката на владата особено во доменот на областите определени со Уставот“.
Тој очекува поддршка од сите граѓани без разлика на партиската определба.
-Ќе прифатам поддршка од сите освен од поединци и партии кои макар и со една изјава го негирале повеќемилениумското постоење на македонскиот народ, македонската нација, македонскиот јазик, се потенцира во „Визијата за претседател“
Вело Марковски дипломирал на медицинскиот факултет во Скопје во 1983 година, од 1986 до 1992 година работел како лекар во службата за Итна медицинска помош во Скопје, а потоа до 2010 како лекар специјалист во Инфективната клиника при клиничкиот центар во Скопје. Од 1999 до 2002 година бил директор на ЈЗУ Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби. Од 2012 година е вработен на Факултетот за медицински науки при УГД во Штип, каде и денес е професор по предметот Инфективни болести.
Професорот Марковски беше особено активен во време на ковид пандемијата кога несебично даваше многу совети и упатства за пациентите и за докторите – како поуспешно да се справат со новата заразна болест која го поклопи светот. Тој привлече внимание дури и во медиумите од соседните држави со своите поинакви погледи за оваа заразна болест, како и со своите конкретни опомени каде се греши при третирање на пациентите или во мерките со кои се правеше обид за превенција од болеста.