Комисија за заштита од заразни болести треба да биде владинот тело чии одлуки ќе бидат задолжително применувани, смета познатиот инфектолог и универзитетски професор – Вело Марковски. Тој во синоќешниот настап на ТВ Алфа потенцира дека ако не се направи така при некоја нова пандемија ќе се повторуваат грешките.
-Се уште стојам на предлогот да се направи нова Комисија. Комисијата за заштита од заразни заболувања е советодавно тело на министерот за здравство. Во иднина ние повторно ќе имаме епидемии и пандемии. Мора да има владина комисија, владино тело, и тоа правовремено го кажав. Реков, дај луѓе, до таму е дојдено, нова комисија да има, да си носи одлуки, да Владата, да министерот за здравство биде член, меѓутоа да мора да ги почитува тие одлуки. Инаку, ќе завршиме вака, нагласи Марковски.
Тој наведе дека во досегашното справување со пандемијата со корона вирусот се направени две големи стратешки грешки.
-Ние стратешки ги рипнавме матичните доктори. Се сеќавате ли на девизата „да ги заштитиме матичните доктори, ќе ни требаат“. Тоа беше основна грешка. Па тие по телефон ги лекуваа пациентите. Ние порано сме имале во шест недели по 100.000 заболени од грип па немаше ваков проблем. Голем проблем е што матичните доктори не се обезбедија, не се опремија и не ги гледаа пациентите, рече тој.
Според него, втора, стратешки голема грешка, се ковид – центрите.
-Имаше капацитети, овие 300.000 луѓе во овие две години, требаше да ги водат инфективните одделенија. Тоа се две големи стратешки грешки, како и тоа што немавме јасни доктринарни ставови и немавме обука по матични доктори, потенцира тој.
На прашањето за реакциите на власта кон неговите ставови, посебно околу неговите укажувања матичните доктори да не даваат толку антибиотици на заболените, тој рече дека „застрашувачки беа тие прес-конференции на владеачката партија“.
– Се направи атмосфера дека ако матичните доктори не даваат „сумамед“ ќе се замерат против власта. Можеби и заради тоа беше толкаво давање на антибиотици. Не треба воопшто да зборуваме колкава штета се направи и по однос на смртноста и по однос на резистенцијата со давање на „сумамед“ и на „панцеф“ кои до крај ги даваа и се уште ги даваат матичните лекари. А се работи за коорона вирус, а антибиотици делуваат на бактерии. Власта ме направи криминалец, а јас се трудев да давам разумни правовремени совети. Се борев да немаме 16.000 прекумерни случаеви, да немаме 9.200 починати. Се борев против тој систем, потецнира инфектологот Марковски.