Колумна на Габриела Арсова:
Животот ги научил луѓето на какви ли не мудрости и голем дел од нив се преточени во поговорки…
Војна не се добива со поразени генерали…
Проблем не можеш да решиш со начин на мислење како кога си го создал…
Ако не можеш да го совладаш – придружи му се…
и да, сите овие народни мудрости се однесуваат сосема адекватно и во сегашноста, сосема сообразени со моментот. Политичкиот мислам, но како основа за се!
Па да започнам…
Секоја опозиција постојано бара избори поради несоодветноста на актуелната власт. Владеачката гарнитура секогаш се правда со претходните – толку многу зулуми направиле што ситуацијата е тешко поправлива. Како и да е, во воздухот постојано струи: Избори, избори…
Е добро де, а што да избираме? Има некави понуди па нешто да избереме?! Работат ли партиите на нешто друго освен на рушење на власта и себеодржување на власт? Не! Се што се нуди е замена на едните со другите.
А што всушност нам ни е потребно?
Промени! Точно така! Суштински промени… па ете и промени во законите, на пример!
Има ли нешто што уште не сме пробале? Се разбира. Изборни модели! А зошто ни се нови изборни модели? За поквалитетен парламетарен состав. Има ли друг начин да се дојде до квалитетен законодавен дом? Сигурно има. Како? Еве вака, на пример! Како основа за квалитет, независно од изборниот модел…
Многу е важно да се заокружи личноста за која ќе се гласа. Насушно потребно е личноста да израсне над партијата. Нели личностите ја прават партијата, а не таа нив! Или барем така би требало да биде! Уште поважно е кој ја прави листата на кандидати за кои ќе се заокружуваат. Но, најважното е кои и како доаѓаат на листите.
Решение? Како до сериозни личности, како до личности заитересирани само и само за работата во законодавниот дом?
Едноставно. Направете ја позицијата пратеник неатрактивна. Убаво прочитавте. Неатрактивна! Хонорарна, без привилегии, со личности од реалниот живот, од компаниите, од образованието, од правосудството… Нека профункционира Собрание на професионалци од реалноста, парламентарци кои по седниците ќе се вратат меѓу своите колеги, ќе си ги живеат резултатите од своето работење и угледот или срамот од активностите. Длабоко сум убедена дека ова решение би можело да даде сериозни резултати…или барем дека е добра подлога за размислување.
Зошто започнав со поговорките? Прочитајте ги уште еднаш. Јасно ви е, зарем не?