Да не му течат мрсули на договорот за изградба на автопатските коридори?

Фамозниот договор за изградба на коридорите 8 и 10-Д се уште е во владината фиока. Никако да биде изваден надвор и да го види македонската јавност. Да, веројатно има и по еден примерок во Јавното обвинителство и во државната Антикорупциска комисија, ама не можат да го добијат ниту пратеници кои имаат безбедносен сертификат со кој може да добиваат и документи обележани како државна тајна.

Зошто не се дава на увид на јавноста напишано на дури 400 страници?

Во меѓувреме власта поднесе предлози за промени во десетина закони кои се влезени во собраниската процедура, а се поврзани со Договорот. И самно се зголемија сомнежите кај граѓаните…

Што точно Владата договорила со конзорциумот „Бехтел и Енка“? Народот во Македонија мора да знае што има во него, како и на кој начин ќе се трошат неверојатните 1,3 милијарди евра. 

Некои работи врзани со отвореноста на Владата околу овој договор очигледно не се на вистински пат. Јавноста е сведок на вистинска какафонија на изјавите на владините функционери околу тоа дали договорот ќе биде објавен. Прво првиот владин потпретседател Артан Груби на утринскиот брифинг со новинарите излегува со категорична изјава дека „договорот нема да биде објавен оти е класифициран и е деловна тајна по барање на изведувачот и на Владата“ за да попладне партискиот портпарол на СДСМ Дарко Каевски соопшти дека „договорот ќе биде објавен и дека целата јавност ќе може да го види“. Во наредниве денови наместо објавување на документите премиерот Димитар Ковачевски објаснува дека „договорот не е класифициран, но дека има определен степен на доверливост и дека од договорните страни зависи кои делови се доверливи и што може да се достави до јавноста“.

И еве тоа што може да и се достави до јавноста никако да се објави од владина страна.

Вицепремиерка за политики и добро владеење Славица Грковска смета дека „не гледа причина зошто договорот да не биде објавен, освен доколку има некоја клаузула која би го попречувала тоа. Дали постои таквата клаузула таа подоцна не соопшти.

На сите барања за објавување сега се надоврзаа и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со безбедоносни сертификати… Ќе бидат ли игнорирани и пратениците? Па како јавноста после тоа ќе има доверба и уверување дека се е направено во интерес на Македонија?

Зарем Владата (која ни ги пукна главите со уверувања дека е многу транспарентна сиве овие години) е решена договорот за изградбата на автопатиштата да остане тајна?

Единствено прифатливо оправдување да не се извади договорот од фиока е ако власта проценила дека 400-те страници можат во ова променливо време полно со вирози да настинат. Факт е дека не е убаво на Договорот да му течат мрсули – може да ги испоразболи граѓаните.

Затоа да почекаме, власта знае како треба за да се дојде до најдоброто за народот. Многу пати докажала дека мисли на неговото здравје.

Претходна вестХрватската јавност згрозена: Две повозрасни жени ставени во ист болнички кревет
Следна вестПентагон потврди: Следиме повеќе од 650 НЛО