Дали ќе се суспендира планот за изградба на трите висококатници спроти „Холидеј ин“ или сепак ќе се гради ќе се знае до Велигден, но официјалната одлука ќе треба да ја донесе Советот на Општина Центар на седница после празникот. Ова последно го соопшти градоначалникот Саша Богдановиќ откако изминатиот период сите пораки и критики на стручните лица и на граѓаните се упатени кон него.
Празникот е доволно долг за да им слегнат работите и да ја донесат вистинската одлука за доброто на Скопје и скопјани.
Во меѓувреме не престануваат реакциите од мнозинството архитекти, жители на Центар и Скопје кои преку петиција и отворени писма едногласно се против висококатниците на оваа локација. Главните аргументи се дека сообраќајната инфраструктура на Скопје тоа не го дозволува, ионака тесните грла во центарот на градот, со евентуална градба би станале уште пострашни. Понатаму циркулацијата на воздухот која и сега е оневозможена заради градежната експанзија низ годините наназад, дополнително ќе го затвори просторот, и низа други аргументи за кои деновите претходно зборуваше јавноста.
Богдановиќ стравува дека Центар ќе банкротира ако се суспендира планот, заради тоа што ќе треба да плаќа огромни суми оштета бидејќи инвеститорот веќе ги уплати комуналиите. Еко активистите и архитектите тврдат дека тоа можело да се спречи ако Богдановиќ сакал, наместо да дозволи парите за комуналии да легнат на сметката на општината. Сега инсистираат тој да бара од Министерството за транспорт и врски да се суспендира планот, во спротивно се заканија со тужби.