Дали Косово ќе ги екстрадира двајцата осудените за „Монструм“: Премиерот Курти се „вади“ на неразјаснет предмет

Министрите за правда на Македонија и Косово се во директен редовен контакт и тие соработуваат по однос на прашањето за случајот „Монструм“, изјави косовскиот премиер Албин Курти, одговарајќи на новинарско прашање дали и кога Косово ќе ги испорача Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, осудени во отсуство на доживотна казна затвор за убиството кај Смилковско Езеро во 2012 година.

Курти, на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, рече дека неговата Влада од минатото наследила трагични случаи и тешки предмети.

-Но, има и други предмети, кои што според мое убедување не се разјаснети до крај и за кои уште ја немаме целосната вистина. Заедно со премиерот Заев разговаравме дека имаме потреба, не само за поддршка, туку и за меѓународна помош, како би имало правда за двете земји, но и за жртвите, како правдата би дошла до крај и се најде вистината, изјави Курти.

Косово во април годинава одби да го испорача Африм Исмаиловиќ.

Според одлуката на Основниот суд во Приштина, Специјалното одделение го одби барањето на Министерството за правда на Македонија, врз основа на прелиминарната судска одлука со која беше одбиена екстрадиција.

-Барањето за екстрадиција се одбива од Специјалното обвинителство на Косово. Екстрадицијата на Африм Исмаиловиќ од Косово во (Северна) Македонија не е дозволена бидејќи барањето за екстрадиција беше одбиено со конечна судска одлука, гласи одлуката на Основниот суд во Приштина:

Судот во Приштина се повикува на членот 50 од Поглавјето за основните права на Европската Унија, според кој „Никој не може да биде присилно осуден или повторно да биде осуден во кривична постапка за дело за кое тој или таа се веќе ослободени или осудени.“

Исмаиловиќ, македонски државјанин, кој е во бегство во Косово, беше упасен во почетокот на овој месец во Приштина, откако бил идентификуван од полицијата поради учество во сообраќајна несреќа.

Покрај Африм Исмаиловиќ, во бегство во Косово е и Алил Демири, од каде косовските власти со години не ги екстрадираат.

Претходна вестМакедонски и косовски цариници заедно ќе вршат контрола на железничкиот премин Блаце- Хани Елези
Следна вестПоради уличен дефект Маџир Маало без вода