Ќе има ли ново парламентарно мнозинство во Македонија? Дилемата ја отвори ВМРО-ДПМНЕ од каде тврдат дека веќе е во тек правењето на ново мнозинство, што автоматски подразбира дека владата на заев ќе нема подршка за понатамошно владеење.
Има ли партии и пратеници кои би можеле да ја напуштат владината коалиција и да се придружат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ? Има ли незадоволство во владините редови?
Ова се нови прашања кои сега се отвораат по вчерашните најави на најголемата опозициска партија дека веќе „имаат обезбедено ново парламентарно мнозиство од 61 пратеник, а сега се работи на тоа да биде составено од 65 пратеници“. Во наредните денови ќе се види дали ова тврдење од редовите на опозицијата која сега има 58 пратеници има основ.
Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски е убеден дека ќе се направи ново мнозинство.
-Се надевам дека не очекувате сите тие со кои што преговараме и јавно да излезат. И да кажат каква ќе биде постапката за уривање на владата. И да кажат да ние сме тука и ќе бидеме глинени гулаби за машинеријата и инструментите на Зоран Заев за притисок и уцени и.т.н. Сигурно не сме ниту тие ниту ние доволно наивни. Да почекаме ќе покаже времето што доаѓа наскоро дали јас сум бил во право или пак некој друг бил во право, изјави Мицкоски.
Но, ваквите негови тврдења ги отфрла премиерот Заев.
– Владиното мнозинство од 62 пратеници е стабилно поради исправните политики и тоа може само да се зголемува а не да се намалува, изјави деновиве Заев.
И лидеротна коалициска ДУИ, која има 15 пратеници Али Ахмети вчера рече дека не се потребни предвремени избори.
-Парламентарното мнозинство е стабилно и нема ни предвремени парламентарни избори, потенцира Ахмети.
И од редовите на коалициска Беса изјавија дека ова влада ќе го истера мандатот до 2024 година.
Меѓутоа, дилема е дали е се стабилно во редовите на коалиција која ја предводи СДСМ. Партијата на премиерот Заев има само 29 пратеници од своите редови, а останатите во својата коалиција се на помалите партии.На пример, партијата за движење на Турците ја напушти коалицијата со СДСМ во Радовиш, а пратеник на оваа партија Енес Ибрахим не ја исклучи можноста „за излегување од мнозинството, но не и преминување во другиот табор“. Оваа партија на конгрес ќе одлучува дали ќе остане во коалиција со СДСМ.
Напоредно со ова, лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов веќе неколку пати во последнен период има различни ставови од владината коалиција. Тој јавно кажа дека му е неприфатливо внесувањето на етничкиот идентитет на граѓаните во личните карти, а е незадоволен и од справувањето со корупцијата.
-Македонија е високо криминилазирано општество, рече тој деновиве по поразителниот извештај на „Транспаренси Интернешенл“.
И поранешната лидерка на коалицискиот ДОМ Лиле Поповска, која има силно влијание во оваа партија, во последен период е критички настроена. Таа жестоко реагира на етнички лични карти, на проекти за мали хидроцентрали, на тоа како се решава проблемот со Бугарија… поради што е прашање како оваа партија на чие чело сега е Маја Морачанин ќе се постави во следниот период.
Во медиумите се пренесе и незадоволство во ЛДП околу нејзин разрешен функционер…
Дали сите тие незадовоства се доволно големи за да ја растурат владеачката коалиција или пак ќе си продолжат со владеењето во Македонија ќе се види наскоро. Сепак останува фактот дека мнозинството е прилично тенко и често немаат кворум за работа на парламентот.