Дали по изборите ќе се сетат на запуштениот и недовршен плоштад „Македонија“?

 

Имам впечаток дека плоштадот намерно се запушта. Она што на него е направено треба и да се одржува како што треба, а тоа сега не е случај, смета Васко Јолески

Зарем плоштадот со сето она што е направено на него и натаму ќе се остави на забот на времето? Само собирање на сметот и повремено чистење ќе биде единственото „средување“? Вложените милиони и милиони евра и натаму ќе пропаѓаат? Едноставно, плоштадот „Македонија“ како да е слика и прилика за државата Македонија. Во неа порано многу се вложило труд, знаење и пари, ама сега тоа полека се растура од некадарници

Секој турист во Скопје го посетува главниот плоштад. И што тој таму може да види? Која слика му ја доловува состојбата во која е централниот скопски плоштад „Македонија“? Се е некако запуштено, доненаправено, донеисчистено… тоа го гледаат и самите скопјани кои ги враќаат многуте кредити со кои неколку пати плоштадот го менуваше својот изглед.

Во изминативе четири години ништо не се направи за да се подобри ликот на главниот плоштад освен што еден мал дел кон ГТЦ се поплочи. Сега скопјани ќе дадат нов четиригодишен мандат – дали барем во него плоштадот ќе биде спастрен како што треба? Тоа допрва ќе се види, а неубавите глетки кои секојдневно ги гледаат скопјани се реалност. Не се знае што е полошо од полошо: дали нехигиената, дали дел од плочките кои се расклатија, дали клупите и жардињери кои се оштетени, дали расипаните фонтани, дали исушените дрвца, дали околните незавршени објекти кои се претворени во јавни нужници…

Сето ова е резултат на недоволната грижа за централниот плоштад. Се уште актуелниот скопски градоначалник Петре Шилегов на почетокот најави дислокација на споменици, но и тоа остана нечепнато. Се уреди делот на кејот зад ГТЦ и делот на потегот од Триумфалната порта кон старата Стоковна куќа и толку. Останатото е оставено на забот на времето, на вандалите…

-Имам впечаток дека плоштадот намерно се запушта. Она што на него е направено треба и да се одржува како што треба, а тоа сега не е случај. Најмногу ми пречи што намерно или од неспособност за менаџирање се запушта и се доведува во состојба на пропаѓање, ни вели Васко Јолески.

Валканици, исушени дрвја, превртени клупи…

Во тоа како се пропаѓа и како не се одржува плоштадот се уверивме и деновиве кога го обиколивме. Незавршените фасади на зградите на поранешната „Пелагонија“ и на ЕСМ со години ги пречекуваат намерниците. За сето тоа време, надлежните никако да постигнат договор како да се завршат. Единствена „новина“ е што сега се тргнати грдите мрежи и лимени тараби околу кои се собираа купишта отпадоци. Благодарение на реконструкцијата на патеката одењето сепак не е толку ризично како порано. Но, првата грда глетка веќе се гледа кај спомен-обележјето на родната куќа на Мајка Тереза. Направено е ново обележје но старото, раскопано и демолирано, не е тргнато туку е оставено за да го нагрдува просторот…

-Воопшто не ми се допаѓа како изгледа плоштадот. Го у ништија, нема зеленило, нема простор за шетање. Со еден збор, катастрофа, вели Андрејче Јовчевски.

Десно, во правецот на Камениот мост има редица клупи, стебла и корпи за отпадоци. Едно дрво е веќе исушено, исто како и две од спротивниот дрворед. Така е со месеци и никому не му текнува да посади нови садници. Посетителот не може да не биде шокиран од валканиците кои ќе ги сретне. Се гледа дека корпите се празнат во предвидените термини, но таму е проблем што несовесните граѓани околу клупите и во корпите истураат најразлични пијалоци и слично. Сите тие валканици остануваат на белите, и скапо платени мермерни плочки кои сега се целосно потемнети – извалкани. На скалите до Камениот мост, кои пред повеќе децении беа собирно место за млади скопјани, штиците се распаѓаат. И ним добро би им дошло да се заменат што не е прескапа работа, но некој надлежен треба да го направи тоа. И тука просторот околу спомениците е извалкан, а најжално е „зеленилото“ на почетокот на мостот. Во едната од двете жардињери има исушени цвеќиња кои многу кажуваат за грижата на локалната власт.

Одамна, во мини депонија е претворена Колонадата, а во лоша состојба се и другите споменици. Градската куќа и објектот до неа со години веќе не се завршуваат и дополнително го нагрдува целиот простор. Срам за тоа се нема, освен кога за време на посетата на папата Франциск сето тоа го прекрија со бели платна.

 – Не живеам во Скопје но очигледно е дека целиот плоштад е правен набрзина. Во светот има градби со илјадници години стојат нечепнати, а овие за 6-7 години се распаѓаат. И сега каде да го бараме виновникот? Не гледам решение затоа што тие што беа против тој набрзина склепан проект намерно нема да вршат санација, вели Драган Ангеловски од Дебар.

Плоштадот треба да е темелник на нашето постоење

На средина од плоштадот, таму каде е подземната фонтана со месеци стојат искршени плочки. Се искршија кога во неа пропадна возилото за чистење. Надлежните само го оградија просторот и чекаат „да набават оригинални плочки“ кои никако да стигнат. Се распаѓа и долниот дел на централниот споменик на Александар Македонски чија поправка никако да заврши… Малку подалеку, гледаме превртена, нова, клупа за седење која никој не ја исправа и зацврстува, гледаме отсечена голема сува гранка која никој не ја собира… Големиот постамент наменет за споменикот на Мајка Тереза и натаму го задушува целиот простор, но надлежните уште не решиле што конечно да се прави со него!?

– Мојата молба е да се престане со цинично одземање на душата која му беше дадена. Не ми се допаѓа политичкиот реваншизам кој се прави. Дали би било поубаво плоштадот „Македонија “ да се преименува во „Цар Борис“ или околу Камениот мост да се постават српски коњаници? Плоштадот треба да е темелник на нашето постоење. Од новиот скопски градоначалник очекувам тој да го заврши, да се обрне внимание на хигиената и да служи како собирен центар на граѓаните, вели Тони Костов.

И Борче Трајанов потенцира дека мора да се поведе поголема грижа околу главниот плоштад.

-И новиот или старо-новиот градоначалник треба да го средат плоштадот. Се гледа дека тој е запустен, а треба да се одржува како што треба, порачува Трајанов.

Дали по локалните избори ќе се случи поголема грижа за плоштадот останува да се види. Но, веќе сега се забележува дека од дванаесетмина кандидати ретко кој го споменува меѓу своите приоритети или работи со кои ќе се занимаваат во претстојните четири години. Од тоа може да произлезе дека плоштадот со сето она што е направено на него и натаму ќе се остави на забот на времето. Односно, дека само собирање на сметот и повремено чистење ќе биде единственото „средување“. А тоа значи дека вложените милиони и милиони евра и натаму ќе пропаѓаат. Едноставно, плоштадот „Македонија“ како да е слика и прилика за државата Македонија. Во неа порано многу се вложило труд, знаење и пари, ама сега тоа полека се растура од некадарници. Видете го плоштадот сега и се ќе ви биде посликовито. 

Претходна вестКога не може поинаку: Инвертери и велосипеди за почисто Скопје
Следна вест(ФОТО) Ја знаете скулптурата „На кафе“ од Кеј? Ене ја зафрлена во преминот на ГТЦ