Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која до крајот на октомври ќе направи две години владеење, почна со собирање потписи за формирање на партијата, јавува Фокус.
Ова за многумина не е изненадување затоа што Арсовска подолг период веќе не соработува со ВМРО-ДПМНЕ, партија која и ја поддржа за да стане градоначалничка. Таа често е во судир и со СДСМ, односно со Владата.
Инаку, според пристапницата со која располага порталот нејзината партија ќе го носи името „Правда“.
Седиштето на партијата ќе биде на ул. Ѓорче Петров бр.49, адреса која според податоците на бизнис мрежата е лоцирана каде што се наоѓаат фирмите на нејзиниот најблизок соработник Драган Митковски.
За потсетување: Арсовска беше избрана за скопската градоначалничка на локалните избори во октомври 2021 година со значителна помош на ВМРО-ДПМНЕ. Но, од средина на минатата година се случи заладувањето на односите меѓу неа и раководството на оваа партија по напуштањето на партиските кадри Златко Перински од функцијата в.д директор на ЈП „Водовод и канализација“ и Ѓоко Велевски од функцијата генералниот секретар на Град Скопје. Арсовска тогаш соопшти дека ги разрешила поради обиди за влијание во постапката за избор на изведувач на тендер вреден 136 милиони евра, за изведба на скопската пречистителна станица. По ова, на седницата за советнички прашања на Советот на Град Скопје беа изнесени меѓусебни обвинувања на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Арсовска. Советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Луке Галески ја обвини Арсовска дека вршела влијание и побарала смена на Комисијата за евалуација на понудите за проектот за пречистителната станица за што беше разрешен директорот на „Водовод и канализација“, Златко Перински. На ова реагираше градоначалничката која упати остри критики до ВМРО-ДПМНЕ, особено до претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.
– Како до вчера бев најдобар градоначалник на Скопје, а откако ви го фатив директорчето со рачето во мед, сега наеднаш не чинам. Јас ќе си продолжам по патот на правдата како што беше и досега. Ама Мицкоски од тендер матрицата нема никогаш да излезе, реплицира тогаш Арсовска.
По ова, во септември ВМРО-ДПМНЕ во целост се оградува од однесувањето на Арсовска и градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ нема да присуствуваат на ниту еден настан на градоначалничката Арсовска. Истовремено, од оваа партија Арсовска беше обвинета за соработка со СДСМ.
-Нека и е честито новата коалиција на уценетата Арсовска и дезертерот Ковачевски, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна, и СДСМ постојано упатуваше обвиненија против Арсовска обвинувајќи ја за нереализирани проекти и инсцениран судир со ВМРО-ДПМНЕ. По усвојувањето на Буџетот за 2023 година од стана на Советот на Град Скопје СДСМ соопшти дека се потврдила коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – Данела Арсовска – Левица во Скопје
-Маските паднаа, и се потврди коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со Данела Арсовска и Левица во Советот на Град Скопје. Усвојувањето на нефункционалниот буџет на Град Скопје за 2023 година на вчерашната седница од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица е чист доказ дека изминатите неколку месеци бевме жртви на исценираната театарска претстава на ВМРО-ДПМНЕ и Данела. Се потврди она што го говориме, се потврди вистината. Коалицијата на мнозинството во Советот е коалиција на шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски, Данела Арсовска и Димитар Апасиев. Вистинските кавги им се очигледно само за тендери и раце во медот, порачаа во декември минатата година од СДСМ.
Арсовска, пак, во своите јавни настапи за проблемите во нереализирањето на одредени проекти во градот најчесто ги обвинуваше токму ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.