Национален, стратешки и државен интерес се одржување предвремени парламентарни избори и договор за стратешките правци за да Македонија се придвижи напред, порачуваат од Демокрaтски сојуз.
Ова опозициска партија во соопштението наведува дека компромисот е одржување на парламентарни избори во септември.
-Тој компромис зависи од СДСМ и ДУИ, чија главна цел е да останат на власт уште неколку месеци по цена и на целосен колапс на државата. Македонија направи тешки и болни отстапки и компромиси, од промена на Уставот, знамето, името, склучување на Преспанскиот договор, па и потпишување на контроверзниот договор за добрососедство со Бугарија. Сите тие компромиси и отстапки беа непринципиелни и надвор од европските и цивилизациските вредности и не обезбедија отворање на вратите на Европската Унија. За последните условувања, промена на Уставот со цел Бугарите да бидат внесени во него, без реципроцитет и гаранции од ЕУ, нема компромис, се наведува во информацијата од ДС.
Додаваат дека уставните измени се користат за замајување на јавноста и дискредитација пред меѓународниот фактор на сите што не прифаќаат уставни измени под диктат и блокада на евроинтеграциите од страна на Бугарија.
Затоа, Демократскиот сојуз предлага:
-Прво, договор за стратешките цели и коренити реформи во правосудниот систем, владеење на правото, борба против криминалот и департизација на сите институции. Второ, донесување нов Устав, ослободен од Бадентер, балансер и други решенија кои ја задушуваат демократијата и развојот на државата. Трето, одржување парламентарни избори во септември. По изборите, веднаш формирање коалициона Влада, составена од сите партии застапени во Собранието, со тоа што премиерот да го предложи партијата/партиите кои ќе имаат најголем број пратеници, предлагата од партијата чиј лидер е Павле Трајанов.
Според оваа партија, само со нова Влада со силен политички и развоен концепт може да ја извлече државата од кризата во која сѐ повеќе запаѓаме и да отвори перспективи за сите, посебно за младите.